1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово сака сопствена армија

13 декември 2018

Косово има намера утре да донесе одлука за сопствена армија. Србија се заканува со воена реакција.

https://p.dw.com/p/3A13J
Kosovo Straßensperren vor Besuch des serbischen Präsidenten Vucic
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Косово од ноември ги зголеми царините на српска стока на 100 проценти - реакција поради тоа што Србија спречи прием на државата во Интерпол. Наизменичните дрскости се увертира во опасно заострување на кризата помеѓу Србите и Косовците. А, ЕУ уште еднаш ја одложи долго посакуваната визна либерализација за граѓаните на Косово, што натамошно го потхранува нивниот гнев кон Унијата. Наредниот степен на ескалација се заканува да се случи на 14 декември. Утре косовскиот парламент треба да донесе одлука за трансформација на безбедносните сили во сопствена армија. Полошо не може да биде. Политичарите на лице место создаваат факти за трајно решение на косовското прашање, но поинакво од она што си го замислуваат европските посредници.

Живот на административната линија

Што се случува?

По повеќегодишен застој во „замрзнатиот конфликт“ околу Косово, во 2018 година првпат отворено почна да се зборува и преговара за размена на територии и поместување на границите помеѓу Србија и Косово - апсолутно кршење на табу во европскиот вредносен поредок! Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи лично ја зачнаа темата и преговараа. Притоа, основната идеја е - српски населените подрачја на северот на Косово да се вратат на Србија, а мнозински албанските региони во јужна Србија да се припојат кон Косово.

Официјално за ова не зборува никој. Во текот на летото, на средба во Брисел дојде до скандал, по што српскиот претседател разбеснето ја напушти средбата, а неколку дена потоа, на настап во северно Косово, пред српското население го зазеде повторно стариот курс - Косово е српско. Од компромис немаше ни трага. На Косово, пак, претседателот Тачи се соочи со силен контраветер за плановите на неговата влада за размена на територии. Неговиот некогашен соборец, премиерот Рамуш Харадинај, ја мобилизираше политиката и јавноста против идејата за размена.

Kosovo Serbien Präsident Vucic redet in Mitrovica
Косовски Срби собрани во Митровица го слушаат говорот на српскиот претседател Вучиќ (09.09.2018)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

И покрај големиот број опомени од страна на европската политика, пред сѐ од Германија, да не се повлекуваат етнички граници, темата не е тргната од дневен ред. Одвреме-навреме се повторува дека Вучиќ и Тачи преговарат и натаму.

Во меѓувреме, видливо исчезнува влијанието на ЕУ, која со години го води дијалогот помеѓу двете земји. За балканските држави едноставно веќе и нема позитивни, атрактивни поттици, а уште помалку има потенцијал за закани. Перспективата за приклучување на Србија во ЕУ, за кое на почетокот на годинава се велеше дека можеби би можело да се случи во 2025 година, денес во Брисел веќе никој не го врзува со конкретен датум. И на Косово, кое сѐ уште не е признато од пет држави членки на ЕУ, денес - по новото одлагање на визната либерализација, и покрај тоа што земјата ги има исполнето условите - веќе нема ништо од некогашната ЕУ-еуфорија.

Повеќе:

„Овде“ и „таму“

Косово на чекор до сопствена војска?

Мали шанси за политичко решение помеѓу Косово и Србија

Разочарувањето на Косовците

Разочарувањето на Косовците поради тоа е огромно. Речиси и нема Косовец кој нема блиски роднини во Германија или други ЕУ-земји. Целата држава живее на релација „од-до“. Единствен излез е - пасош со кој може слободно да се патува. Тоа го има во Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама на Косовците отворено им понуди албански пасоши, доколку ЕУ повторно одбие визна либерализација. Тоа сега се случи - понудата би можела да стане реалност.

Албанија на својот северен сосед му нуди уште нешто: економско поврзување. Со тоа, земјата станува вистинска алтернатива за Србија, од која Косово досега беше речиси економски зависно. Но, откако Србија спречи Косово да стане членка на Интерпол, Косово ги зголеми царините за српска стока и со тоа практично го запре увозот. И покрај сите преудпредувања и опомени од меѓународните посредници и експерти, косовската влада се држи до својата одлука и ги зтавора за Косово досега животно важните трговски релации со Србија. Албанија е таа која сега ја пополнува дупката.

Неколку дена по почетокот на кавгата околу царините, на 26 ноември во Пеќ, се случи значајна средба. Под мотото „Еден народ, еден јазик, еден сон“, средба одржаа владите на Косово и Албанија. Двата кабинета постигнаа согласност за заеднички политички, економски и културни цели. Заедно во регионот и кон Европа, со две глави, но еден глас - така гласеше патетичната и јасна порака од средбата, која политичарите на заедничката групна фотографија ја манифестираа со симболот на албанскиот двоглав орел. Симбол кој во Србија е омразен.

Treffen der Regierung Kosovo und Albanien
Провокација за Србите: Групната фотографија на членовите на косовската и албанската владаФотографија: Kosovo Prime-Minister Press Office

Ова сплотување со Албанија значи и нова динамика во регионот: Косово сега ќе биде не само политички, туку и економски речиси независно од Србија. Од тоа ќе страдаат Србите од северно Косово, кои сега се отсечени од Србија, но кои отфрлаат приклучување кон косовските структури. Етничката граница во самото Косово се продлабочува.

Интересите на Русите и Американците

Не е исклучено развојот на состојбата од последните недели среднорочно да доведе до фактичка поделба на Косово, а долгорочно до фактичка конфедерација на остатокот на Косово со Албанија. Аналитичарите и политичарите во регионот веќе го разгледуваат ова сценарио.

За Србија тоа е трауматична претстава. „Сиромашното Косово“ економски е од мало значење за Србија, но Косово поле историски е јадро на Србија и е цврсто врежано во колективното сеќавање на Србите - повеќе емоционално, отколку рационално образложено.

#dw_BalkanBooster: „Можеби Косово за илјада години пак ќе биде наше“

И военото ѕвечкање со сабји одговара на напрегнатата состојба: Србија се заканува со војна доколку Косово утре навистина донесе одлука за основање своја армија и испрати трупи на северот. Иако на Косово има 4.000 припадници на КФОР-трупите, кои би требало да ги обезбедуваат границите и мирот, српска акција за заштита на српското население на северот на Косово не може да се исклучи. Така барем гласи заканата на српската премиерка Ана Брнабиќ: „Се надевам дека нема да мораме никогаш да ја употребиме нашата армија“, рече таа, формулирајќи ја својата изјава свесно повеќезначно. Со тоа, поместувањето на границите, за кое политички преговараат Вучиќ и Тачи, би било фактички спроведено.

Сепак, поголема воена ескалација е повеќе неверојатна отколку што е можна, со оглед на тоа што Косово е под директна заштита на Америка и тука се наоѓа една од најголемите американски бази надвор од САД. Новиот американски амбасадор, за разлика од другите претставници на НАТО, веќе се изјасни позитивно за формирање косовска армија. Ставот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, е млак. Тој прашањето на основање армија сака да го земе за повод за да се преиспита ангажманот на НАТО во земјата. Поалармантно звучат изјавите од Москва. Создавање косовска армија, како што се вели, би можело да доведе до една од „најтешките последици не само за српското население во регионот, туку и за безбедноста на целиот Балкан“.