1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучен играч на Косово е Беџет Пацоли

Бахри Цани
24 август 2017

Парламентот на Косово денеска ќе направи нов обид да избере претседател. Се чини дека „коцките се наредени“ и се очекува конечно да биде формирано парламентарно мнозинство.

https://p.dw.com/p/2ihfd
Bedzet Pacoli
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Извесно е дека Косово по последните избори (одржани на 1 јуни) ќе добие нов премиер. Прашање е само кој ќе биде тоа: Рамуш Харадинај или Албин Курти? Харадинај, кого српските власти и натаму го обвинуваат за воени злосторства, моментно е во предност, откако неговата коалиција ПАН - составена од Демократската партија на Косово предводена од Кадри Весељи, Алијансата за иднина на Косово на Рамуш Харадинај, Нисма на Фатмир Љимај и некои помали партии - освои најмногу мандати (39). Коалицијата ПАН на тој начин стекна право да го даде претседателот на парламентот и прва да добие мандат за формирање влада.

Меѓутоа, проблемот настана во момент кога сите останати албански коалиции и партии одбија соработка со ПАН, односно со Кадри Весељи, кој во текот на војната и по неа ја предводеше тајната информативна служба на Косово, а во претходниот мандат беше претседател на Собранието.

Изборна математика

Косовското Собрание брои 120 пратенички места. Од нив, 20 места се резервирани за малцинствата - 10 за Србите и 10 за останатите малцинства. Коалицијата ПАН освои 39 мандати, движењето Самоопределување 32, а коалицијата ЛАА (коалиција на Демократскиот сојуз на Косово на актуелниот премиер Иса Мустафа, Алијансата Ново Косово - АКР - на Беџет Пацоли и Алтернатива на Мимоза Кусари - Љиља) 29 мандати. Откако (досега) ниту една албанска коалиција ниту партија не сакаше да соработува со коалицијата ПАН, а не ѝ беа доволни ниту гласовите на малцинствата (со што од 120 би се стигнало само до 59 гласови), Весељи и Харадинај тргнаа во лов на поединци. По неколку рунди преговори, Харадинај успеа да ја убеди Теута Ругова, ќерката на поранешниот косовски претседател Ибрахим Ругова, да ја поддржи неговата кандидатура за премиер. Така во парламентот се создаде пат-позиција - 60:60 гласови.

Kosovo Parlament in Pristina
Пат-позиција во косовскиот парламентФотографија: Reuters/H. Reka

Пацоли како клучен играч

Претставниците на  Самоопределување се согласни дека нема да гласаат за Весељи (за претседател на парламентот), ниту пак за Рамуш Харадинај за премиер. Оттука, Весељи, Харадинај и нивните соработници (по добивањето поддршка од Теута Ругова) целото внимание го насочија кон коалицијата ЛАА, односно кон АКР на Пацоли, која во новиот парламентарен состав има четворица пратеници.

Пацоли пред изборите одби секаков вид соработка со ПАН, затоа што наводно имал големи несогласувања со челниците на ДПК, односно со Весељи и со претседателот на Косово, Хашим Тачи (кој порано беше претседател на ДПК). Се зборуваше дури и дека Пацоли и Тачи (како неформален лидер на ДПК), откако Пацоли одлучил да излезе на избори со Иса Мустафа, а не со ДПК, биле на раб на физичка пресметка, но тоа никогаш не е потврдено. Во секој случај, Пацоли по изборите повеќепати јавно се колнеше дека нема да влезе во коалиција со Весељи и Харадинај.

Многу аналитичари на Косово сепак тврдеа дека токму Пацоли би можел да биде алката која ѝ недостига на ПАН во создавањето парламентарно мнозинство. Цело време се зборуваше дека макар еден пратеник на оваа партија ќе ја поддржи идната влада на Харадинај. На крајот очигледно беше поинаку: Пацоли минатата недела доби амин од својата партија да преговара и со ПАН за формирање на идната влада.

Без потврда, но сѐ јасно?

Behxhet Pacolli, Vorsitzender der Partei AKR, Kosovo
Беџет Пацоли бара три министерски места?Фотографија: DW/M. Kelmendi

Официјална потврда сѐ уште нема, но најбогатиот Албанец, а некои велат и најбогатиот човек на Балканот - Пацоли - сепак ќе се согласи да влезе во коалиција со ПАН. Во моментов во тек е пазарење. Од извори блиски до преговарачките тимови ДВ дознава дека Пацоли со само четири пратеници бара најмалку три министерски места, и тоа многу важни. Според истите извори, Пацоли навистина и ќе го добие она што го бара, зашто Весељи и Харадинај немаат друг избор.

Пацоли, како што дознава ДВ, би можел да биде иден шеф на косовската дипломатија, што за Косово би можело да биде од голема полза, ако се знае дека тој има многу добри деловни и приватни врски со Русија и со бившите советски републики. Пацоли порано имаше многу добри врски со поранешниот претседател на Русија, Борис Елцин, така што успеа со Русите да влезе дури и во зделката за реновирање на Кремљ. Пацоли има илјадници работници и во останатите поранешни советски републики, но има и многу добри врски со арапските и некои африкански земји кои сѐ уште не ја признале независноста на Косово. Инаку, нему на Косово му се забележува дека е премногу близок со некои луѓе во Белград, откако во 1990-тите имал состаноци и со поранешниот претседател Слободан Милошевиќ. Аналитичарите сепак сметаат дека неговите врски, но и неговата умереност, би биле многу корисни за Косово.