1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кина апелира за воздржаност

СН/ агенции
12 август 2017

Притоа Пекинг мисли на сите „релевантни страни“. Тоа претседателот Си Џинпинг му го кажал на својот американски колега Доналд Трамп во телефонскиот разговор посветен на тензиите на Корејскиот полуостров.

https://p.dw.com/p/2i6kR
Germany G20
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Loeb

Кинескиот претседател Си Џинпинг денес ги повика сите страни да избегнуваат потпалувачка реторика и акции кои можат да ги зголемат тензиите на Корејскиот полуостров. Си во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Пекинг и Вашинтон се заинтерсесирани за денуклеаризирање на Северна Кореја.

„Релевантните страни мора да се воздржат и да избегнуваат зборови и дела кои ќе ја зголемат тензијата на Корејскиот полуостров“, рече тој.

Трамп бараше од Кина да изврши притисок врз Пјонгјанг поради нуклеарната програма која би можела да биде насочена против САД, пренесе агенцијата АП.

Кина е најголем трговски партнер и извор на помош на Северна Кореја, но кинеските официјални претставници тврдат оти не можат да го принудат Пјонгјанг да ја запре својата нуклеарна и ракетна програма.

Insel Guam im Pazifik
Островот Гуам во ПацификотФотографија: Reuters/Navy

Трамп повторно го предупреди лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун дека ќе „зажали“ ако го нападне американскиот остров Гуам во Пацификот.

„Ако направи што било во насока на Гуам или во некој друг дел од американската територија, или кон некој американски сојузник, тој (Ким) за тоа навистина многу брзо ќе зажали“,  им изјави Трамп на новинарите.

На прашањето да ја коментира германската канцеларка Ангела Меркел која се спротистави за воено решение за ситуацијата со Северна Кореја, Трамп одговори дека таа веројатно мислела на Германија.

„Веројатно зборувала за Германија. Секако не зборувала за САД“, рече тој.

Тензиите на Корејскиот полуостров се засилени со острите пораки од Пјонгјанг и Вашингтон по најновиот во серијата ракетни тестови на Северна Кореја и по новата рунда санкции од Советот за безбедност на ОН за комунистичката земја

Пјонгјанг предупреди  во средата оти би можел да лансира ракети во насока на американскиот остров Гуам во Пацификот, додека претседателот на САД Трамп им се закани на севернокорејските власти  дека ќе се соочат со „оган и бес“.