1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки реакции по нападот на Трамп врз СиЕнЕн

БГ
3 јули 2017

Тензиите меѓу медиумите во САД и претседателот Трамп достигнаа нова точка на вриење откако претседателот твитна видео на кое удира човек чија глава е покриена со логото на СиЕнЕн. Медиуми и политичари го осудија твитот

https://p.dw.com/p/2fnzF
US Präsident Trump
Фотографија: Picture alliance/AP Images/J. Locher

Телевизијата СиЕнЕн го обвини Доналд Трамп „за детско однесување далеку под достоинството на неговата функција“, откако претседателот твитна кус видео клип кој го прикажува како тепа човек во костум чија глава е прекриена со логото на СиЕнЕн.
„Наместо да се подготвува за прекуокеанското патување, неговата прва средба со рускиот претседател Владимир Путин, излегување на крај со Северна Кореја, или да поработи на законот за здравство, тој се впушта во детско однесување далеку под нивото на функцијата“, објави СиЕнЕн.
Извршниот уредник на Њујорк Тајмс, Дин Бакет ја нарече реакцијата на Трамп „непристојна“, додека новинарката на Атлантик магазинот, Ени Лоури твитна: „Сериозно сум преплашена дека некој новинари- можеби некој од многуте политички новинари кои ги знам и сакам- ќе заврши мртов“.
Извршниот директор на новинарскиот комитет за слобода на печатот, Брус Браун, рече дека видеото е „заканата од физичко насилство врз новинарите“, и дека твитот на Трамп е „под претседателската функција“.
Бил Кристол, конзервативен коментатор и уредник на Викли Стандард, ги спореди постапките на Трамп со однесувањето кое доведе до распад на Римската империја.
„Брзината со која го рекапитулираме падот и уништувањето на Рим е импресивна. Она за што во Рим беа потребни векови, ние го постигнуваме во месеци“, напиша Кристол. 
Обединети во осудата
И Републиканците и Демократите го осудија твитот на Трамп како вулгарен и сексистички. Некои Републиканци сметаат дека твитањето на Трамп го оттргнува вниманието од важни проекти, како законот за здравство.
„Ние во Вашингтон, и во земјата, не можеме да се фокусираме на твитови“, рече републиканскиот сенатор Бил Кесиди. „Многу се фрустрирам кога се фокусираме на твитови“.
Џон Кејсич, републиканскиот гувернер на Охајо, се надева дека семејството на Трамп ќе разговара со него и ќе му порача: „Престани!“
Демократката Ненси Пелоси го осуди твитот на Трамп велејќи „насилните слики за заплашување на медиумите мора да бидат отфрлени“. 

#ЛажниВестиСиЕнЕн“

Видеото во траење од 28 секунди кое го постираше Трамп е монтирана верзија на негов настап на турнир во борење (кечери) од 2007 година, во кое тој го напаѓа директорот на боречката федерација Винс Мекмахон. Првичното видео беше постирано од корисник на Реддит пред неколку дена со наслов „Трамп ги урива лажните вести“. Трамп подоцна го сподели видеото на неговиот Твитер профил со наслов „#FraudNewsCNN #FNN."
Трамп досега ги нарекуваше медиумите „опозициска партија“ и „непријатели на американскиот народ“, а особено е жесток кон СиЕнЕн, нарекувајќи ја мрежата „лажни вести“ и „измамнички вести“.
Советникот за домашна безбедност на Трамп, Том Босерт ги бранеше постапките на Трамп.
„Мислам дека никој не треба да се чувствува загрозен од тоа. Се надевам дека нема. Но мислам дека кога го напаѓаат на таков начин има право да одговори“.
На крајот на минатата недела, Трамп ги фокусираше нападите врз двајца новинари на ЕмЕсЕнБиСи (MSNBC). Во четвртокот тој твитна дека новинарката Мика Бжежински е „луда“ и дека „крварела од лицето поради фејслифтингот“ кога последен пат ја видел на Флорида.
„Лажните медиумите се обидоа да не сопрат да влеземе во Белата Куќа, но јас сум претседател, а не тие“, изјави Трамп во саботата.