1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Русија ќе го зајакнуваат дијалогот

ЕМФ / дв
13 јули 2017

Односите на Брисел и Москва се компликувани. Тие се во стилот „ниту можам со тебе ниту без тебе“.

https://p.dw.com/p/2gRNC
Russland EU Mogherini bei Lawrow
Фотографија: Reuters/S. Karpukhin

И покрај разликите во ставовите околу конфликтот во Сирија, Европската Унија и Русија сакаат да ја надградат својата надворешнополитичка соработка. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Брисел, изјави дека е постигната согласност за интензивирање на размената на мислења за важни теми на сите нивоа.

Може да се препознае „основа за соработка“, рече Могерини. Таа по повеќечасовните разговори информираше дека станало збор за војната во Сирија, состојбата во Северна Кореја и Украина, како и тензиите во Заливот. Детали за разговорите не се соопштени.

Russland Federica Mogherini in Moskau
Федерика Могерини не соопшти детали од разговорите со Сергеј ЛавровФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/S. Pyatakov

Јасно е дека нема ист став по сите прашања, нагласи Високата претставничка на ЕУ. Разликите меѓу Москва и Брисел повторно дошле до израз околу конфликтот во Сирија. „Ние не сме воен актер во Сирија и горди сме што е така“, рече Могерини.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека е „крајно време“ да се разгледаат хуманитарните последици од санкциите на ЕУ и на САД против раководството во Дамаск. За сирискиот проблем и за Украина Лавров денеска во Берлин ќе разговара со својот германски колега, Зигмар Габриел. Во сириската граѓанска војна Русија е најважниот сојузник на властодржецот Башар ал-Асад.