1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорен возниот ред за преговорите за Брегзит

СН/ агенции
20 јуни 2017

По првиот ден од преговорите за Брегзит, двете страни извлекоа позитивен биланс. На нивната средба во Брисел тие постигнаа согласност за приоритетите на наредните преговарачки рунди.

https://p.dw.com/p/2ezjd
Brüssel Beginn Brexit Verhandlungen Barnier und  Davis
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Европска унија и Велика Британија на првиот преговарачки состанок во Брисел се согласија за приоритетите и временскиот распоред на преговорите за Брегзит. Двете страни се согласија дека прво ќе се фокусираат на уреден излез на Британија од ЕУ и постигнување договор за граѓаните на ЕУ кои живеат во Британија и за Британците кои живеат во земјите од Унијата, за границата меѓу Обединетото Кралство и Северна Ирска и за финансиските обврски кои Лондон мора да ги исполни.

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, рече оти еднонеделни преговори ќе бидат организирани секој месец во периодот од 17 јули до 9 октомври, додека работните групи ќе работат на прашањата за човековите права, финансиските договори и за други „прашања кои ги наметнува излезот“.

Барние и британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, се согласија дека најважни ќе бидат прашањата за човековите права и слободата на движење на граѓаните од ЕУ.

Twitter - Republic of Football (the_eriugena) zu Michel Barnier and David Davis bei Brexit Gesprächen
Фотографија: Twitter/the_eriugena

Дејвис рече оти на претстојниот самит на лидерите на ЕУ, премиерката Тереза Меј ќе даде „понуда“ врзана за човековите права. „Во првиот чекор ќе ги решаваме најитните прашања. Мораме да ја отстраниме несигурноста предизвикана од Брегзит. Во вториот чекор ќе го разгледуваме нашиот иден однос“, рече Барние на крајот на состанокот

Тоа покажува дека преговорите ќе се одвиваат онака како што бараше Брисел, новиот однос да се формулира дури откако ќе биде остварен доволен напредок во прашањата за разделбата, а не паралелно да се водат преговори за излез и за новиот однос, како што сакаше Британија. Дејвис рече оти е „важно како ќе завршат преговорите, а не како ќе започнат“.

Барние изјави дека ќе има „човечки, правни, технички и политички последици“, кои не смеат да бидат потценети.

Барние и Дејвис рекоа оти се уверени дека може да биде остварен брз напредок, но дека постојат големи предизвици во остварување на крајниот рок за официјален излез на Велика Британија од ЕУ во март 2019 година.

Преговарачите, и двајцата љубители на планинарење, на првиот ден на преговорите си разменија подароци- стап за планинарење и книга за пешачење.