Драматична состојба по земјотресот во Мексико
20 септември 2017Земјотресот имаше јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала. Неговиот епицентар бил на 120 километри југоисточно од Мексико сити. Во земјотресот се урнаа десетици објекти, меѓу кои и едно училиште, при што загинаа 25 луѓе. Министерот за образование Аурелио Нуно Мајер изјави дека по многу деца и возрасни сѐ уште се трага. Спасувачките екипи се обидуваат со лопати и раце да ги расчистат урнатините од училиштето и да стигнат до преживеаните.
Со оглед на очајничката борба да се стигне навреме до затрупаните, мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието упати апел до граѓаните да останат дома, доколку нивниот објект е сигурен. На тој начин патиштата за спасувачките коли ќе бидат попороодни, а ќе се олесни и работата на спасувачите, рече Нието.
Земјотресот се случи токму на 32-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1985 година, кога во Мексико загинаа околу 10.000 луѓе. Само два часа пред да се случи новиот земјотрес, многу институции, претпријатија и училишта учествуваа во годишната вежба на евакуација и однесување во случај на земјотрес.
Мексико се наоѓа во една од земјотресно најактивните зони во светот. Најголем дел од земјата се наоѓа на северноамериканската земјена плоча, која се движи кон запад. Под нејзе се наоѓа Кокосовата плоча која полека се придвижува кон североисток. Тоа предизвикува потреси.