1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократијата во етно-стапица

Ридигер Росиг
8 октомври 2018

Излезноста на изборите во Босна и Херцеговина беше подобра од очекуваното. Проблемите остануваат. Решение за етнички фрагментираната балканска држава може да дојде само однадвор, смета Ридигер Росиг.

https://p.dw.com/p/369kJ
Bosnien und Herzegowina Wahlen
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Прво добрата вест: околу 54 проценти од 3,4те милиони граѓани со право на глас во БиХ изминатава недела излегоа да гласаат на едно од 6-те илјади гласачки места. Излезноста на претседателските и парламентарни избори беше само една десетина под изборите пред 4 години.

Многумина набљудувачи сметаа дека излезноста ќе биде далеку под 50 проценти со оглед на сиромаштијата и општото незадоволство пред осмите избори во последниве 22 години во Бих. Граѓаните ги демантираа.

Спречен влез на националист

Добро е и тоа што босанските гласачи спречија влез на лидерот на босанските Хрвати и на босанските Срби во тричленото претседателство на БиХ. Здружени, двајцата националисти Драган Човиќ и Милорад Додик кои постојано заговараат отцепување на деловите од земјата под нивна контрола, би можеле етнички фрагментираната земја да уништат од внатре.

На изборите успеа да се наметне само Додик. Човиќ ја изгуби трката за местото член на претседателство "од редовите на хрватскиот народ" против Жељко Комшиќ од левата партија "Демократски фронт", деклариран Босанец и и антинационалист.

Повеќе на темата: 

-Избори во БиХ: стравот остана главен мотив на гласачите

-Избори во БиХ: Многумина се надеваат, малкумина веруваат во подобро утре

-БиХ - избори во пропадната држава

Зацементирана власта

Тоа беа новостите од изборите во БиХ. Кај Бошњаците, за кои порано се велеше муслимански гласачи, се наметна муслиманската партија СДА.

Изборите во неделата повторно покажаа дека етничката демократија по наредба на Дејтонскиот мировен договор од 1996та година всушност го зацементира владеењето на националните партии. Тоа изгледа беше цената за брзиот крај на војната која траеше три ипол години и во која загинаа преку 100 илјади луѓе.

DW Kommentarbild Rüdiger Rossig
Ридигер Росиг, автор на коментарот

Сѐ е национално

Но, од Дејтон наваму националноста на Босанците, значи дали се хрватско-католички, муслиманско-бошњачки или српско-православни на сите политички нивоа главна улога. Во таа слика влегува и тоа што босанските политичари на драго срце зборуваат за "национални интереси" – но, со чесни исклучоци никогаш за проблемите со кои граѓаните дневно се соочуваат.

Официјално невработеноста во Бих е 25 проценти, во старосната група под 25 години е дури 60 проценти. Сиромаштијата не ги погодува само малцинствата како Ромите или пак пензионерите. Животниот стандард е на 32 проценти во однос на европскиот просек. Неспособна бирократија, преоптоварени судови, корупција, хаотичен сообраќај, постојано загадување на околината... – тоа е секојдневието на повеќето Босанци.

Гласање со пета

Со оглед на тоа дека ни по осум години слободни избори и 22 години по завршувањето на војната ништо се нема сменето, Босанците гласаа со пета. Десетици илјади секоја година ја напуштаат земјата. Како и секогаш, тоа се младите, добро обучени лица кои се селат на Запад, во ЕУ, често во Германија и најчесто засекогаш.

Тоа што на Босна би и било потребно по реформа на Уставот е мало економско чудо. Дијаспора, која во татковината ќе најде услови за да ја анимираат да инвестира и некои од луѓето со пари и Know-How да се вратат од Западот дома и да ја поттикнат економијата. Субвенции за иновативни претпријатија и претприемачи.

Помош од надвор

За такво нешто пак немаат никаков интерес националистите кои заеднички и еден против друг владеат со Босанците. За нив нова мисла исто како и нови фирми се пречки во нормалното функционирање. Актерите кои би ја реформирале Босна на тој начин што ќе функционира како нормална држава, мора да дојдат однадвор. Од "меѓународната заедница", која го создаде поредокот по Дејтон и има можности и средства сега и да го промени.

Наместо тоа, меѓународните играчи во Босна стануваат се попасивни. Тоа пред сѐ се однесува на ЕУ чиј единствен протекторат покрај Косово е токму Босна. Моќната и богата Европа по 23 години изгледа се откажа од својот мировен проект на Балканот. И Босна им ја препушта на националистите.

Подготвени за демократија

Повеќе од половината Босанци покажаа дека и по 22 години неуспешна етничка демократија и натаму се подготвени да учествуваат во демократските процеси. И покрај сето разочарување, сиромаштија, корупција, бирократија и масовното исселување. Европа е на потег.