1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп се замешал во руската афера на својот син?

ЖА
1 август 2017

Медиумите известуваат дека Доналд Трамп лично го диктирал збунувачкиот стејтмент на својот син во врска со неговите руски контакти. Дали тоа укажува на директно вмешување на американскиот претседател во аферата?

https://p.dw.com/p/2hU1N
USA Präsident Trump und sein Sohn Donald Jr.
Фотографија: Reuters/M. Segar

По обелоденувањето на средбата меѓу Доналд Трамп Јуниор и руската адвокатка Наталија Веселницкаја, најстариот син на американскиот претседател објави еден контроверзен стејтмент. Во него се вели дека Трамп Јуниор, поранешниот шеф на изборниот штаб, Пол Менефорт и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер „првенствено зборувале околу програмата за посвојување руски деца“, што во тоа време воопшто не било тема во изборната кампања. „Вашингтон пост“ сега јавува дека овој стејтмент го диктирал лично Трамп Сениор, а го формулирал на 8.јули, во авионот Ер Форс на враќањето од самитот Г20 во Хамбург. Американските новинари притоа се повикуваат на вашингтонски владини кругови. Бризантноста на извештајот е во тоа што првпат имплицира директно вмешување на Трамп и негов обид за искривување на работите.

Еден од адвокатите на семејството Трамп, Џеј Секулов, решително го отфрли извештајот на весникот „Вашингтон пост“ како неадекватен и во основа базиран врз погрешни информации.

Russland Natalia Veselnitskaya
Руската адвокатка Наталија Веселницкаја: Трамп Јуниор се надевал таа да му достави компромитирачки материјал за КлинтонФотографија: picture alliance/AP/A. Zemlianichenko

Пред две недели, по објавувањето на стејтментот на Трамп Јуниор, притисокот врз синот на претседателот порасна до тој степен, што тој објави серија имејли, од кои произлегува дека тој на средбата со руската адвокатка не разговарал само околу програмата за посвојување, туку во фокусот му била желбата да дојде до  компромитирачки материјал за тогашната претседателска кандидатка и ривалка на неговиот татко, Хилари Клинтон.

Електронската пошта се смета за прв конкретен доказ дека членови на изборниот тим на Трамп можеби биле подготвени да соработуваат со Русија, но сепак не нуди конкретни докази за тајни разговори меѓу таборот на Трамп и Москва.

Американските тајни служби ја обвинуваат Москва дека стои зад нападите врз електронските конта на Демократската партија и на тој начин за вршење обид за влијаење врз претседателската изборна кампања во корист на Трамп, наштетувајќи ѝ на Клинтон. Специјален обвинител треба да ги испита овие обвинувања, а со евентуалната координација на Русија со изборниот штаб на Трамп се занимаваат и неколку комисии во Конгресот.