1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласањето тече, набљудувачите ги нотираат првите забелешки

15 октомври 2017

Гласањето почна навреме, со изолирани случаи на мали задоцнувања поради незнаење како да се активираат УВ-ламбите. Набљудувачите ги нотираат и првите забелешки

https://p.dw.com/p/2lqvx
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Во 7 часот утрово беа отворени 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје, со што започна гласањето за шестите локални избори во Македонија. Додека ДИК ги сумира првичните извештаи за почетокот на гласањето, како што јавуваат набљудувачите од „Цивил“, на некои избирачки места гласањето почнало со минимално задоцнување, поради незнаење како да се активираат УВ-ламбите. На дел од нив било евидентирано и дека ги нема папките за гласање на слепи и лица со оштетен вид (со брајова азбука), а на одредени избирачки места биле забележани партиски лица како ги евидентираат гласачите што доаѓаат на гласање. Од невладината „Цивил“ јавуваат дека нивен акредитиран набљудувач бил отстранет од избирачко место, но по интервенција на ДИК повторно му било овозможено да го следи гласањето.

Ова се првичните забелешки со кои почна гласањето на шесетите локални избори во Македонија, на кои право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и за 372 листи за членови на општински совети. За избор за градоначалник и за Советот на Град Скопје, право на глас имаат 461.321 граѓани на 675 избирачки места. За да биде избран градоначалник во првиот круг на гласање, треба да излезат третина од запишаните гласачи во општината, а половина од нив да гласаат за еден кандидат. Ако во првиот круг на гласање ни еден кандидат не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. За градоначалник ќе биде избран кандидатот кој добил поголем број гласови во вториот круг.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Локална трка за глобално позиционирање

На овие локални избори партиите им придаваат многу повеќе од локално значење. По неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да формира влада по парламентарните избори од 11-ти декември, партијата во локалниот натпревар гледа шанса за свое враќање на голема врата, односно преку задржување на доминацијата во локалната власт да се позиционира за ново глобално мерење на силите - на нови, предвремени парламентарни избори. Од друга страна, социјалдемократите сакаат да го потврдат растот на нивниот рејтинг и да ја прекинат доминацијата на политичкиот опоненет на локално ниво, остварена на последните локални избори од 2013 година. Тогаш најмногу градоначалнички места освои ВМРО ДПМНЕ - дури 56, ДУИ 14, СДСМ  4, ДПА 2, а неколку освоија помали партии и независни кандидати. Особено знчење се дава на битката за власт главниот град која во повеќе мандати беше во рацете на сегашната опозиција.

Од СДСМ ветуваат „живот за сите“, а од ВМРО-ДПМНЕ очекуваниот пресврт го најавуваат како почеток на „нова ера“. Но, и покрај високите декларирани цели и потпишаниот Кодекс за фер избори, изборниот процес делумно го следеше низок степен на изборна култура и црна кампања. Не беше поразлично ни во предвечерјето на денешното гласање, кога набљудувачите регистрираа, а полицијата постапуваше по одредени изолирани инциденти - вербален напад на член на Избирачки одбор, кршење на изборниот молк преку агитација со смс-пораки, уништување плакати на градоначалнички кандидати...

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски, ги повика сите учесници во процесот да обезбедат фер и демократски избори со почитување на Уставот и законите, потенцирајќи дека локалните избори се услов за натамошен напредок на земјата.

„Ги повикувам општинските изборни комисии и изборните одбори, а особено политичките партии да ги почитуваат сите позитивни прописи и сите заеднички да обезбедиме одлични оценки од меѓународните и домашните набљудувачи за целокупниот изборен процес“, рече претседателот на ДИК.

Важноста на овие избори за иднината на Македонија, „како просперитетна демократија и целосно интегрирана во евроатлантските институции“, беше нагласена и од амбасадата на САД во Македонија.

„Ги охрабруваме сите граѓани да го искористат своето право на глас, да ги искажат своите ставови за проблемите во нивните заедници и да ја реафирмираат својата определба кон демократските вредности и владеењето на правото. Ги охрабруваме граѓаните, цивилното општество и медиумите да ги пријават сите сознанија за изборни нерегуларности на соодветните органи. Надлежните од централната и локалната власт треба целосно да ги истражат сите наводи за злоупотреба и да преземат соодветни мерки. На крајот, партиите, владините институции, новинарите и граѓаните, преку своите акции, ќе одредат дали процесот бил кредибилен. Веруваме дека изборите се клучен дел од секоја демократија и ги поддржуваме напорите со кои граѓаните се охрабруваат да гласаат. Амбасадата на САД активно ќе учествува во набљудувањето на изборите, заедно со другите меѓународни и локални набљудувачи“, се вели во изјавата од амбасадата на САД.

Mazedonien Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski

Под лупа на домашни и странски набљудувачи

За следење на претстојните локални избори во Македонија, во Државната изборна комисија досега се акредитирани се акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Од домашните организации, најголем број акредитирани набљудувачи има невладината организација МОСТ - 2.843, Здружението на граѓани ЗХА „Синергија“ од Штип 1.829, Цивил - Центар за слобода 191, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид- Скопје 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје (ЦРИС) од Скопје 17 и Македонскиот центар за култура и развој 6 набљудувачи.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР изборниот процес ќе го следи со 198 набљудувачи, Амбасадата на САД во Македонија со 33, Делегацијата на ЕУ со 23, Меѓународниот студиски центар за избори (IESC) со 18. Набљудувачи имаат акредитирано и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија и Словачка, а акредитирани се и 294 преведувачи.