1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: расте опасноста од малолетни џихадисти

6 август 2018

Шефот на германската тајна служба предупредува дека децата кои растат во исламистички семејства претставуваат се поголем ризик за општеството. Политичарите бараат намалување на границата за следење на деца под 14 години.

https://p.dw.com/p/32fDA
Symbolbild Anwerbeversuche IS
Фотографија: picture-alliance/chromorange/R. Peters

Децата од исламистички семејства во Германија претставуваат „не незначителна потенцијална закана“, изјави шефот на германската служба за Заштита на Уставот (БФВ), Ханс-Георг Масен. Во нов извештај на службата кој го пренесуваат повеќе германски медиумите се наведува дека постојат сигнали оти „радикализацијата на малолетници и млади луѓе“ станува поверојатно и се случува сѐ побрзо и порано. Масен и лани во сличен тон предупредуваше од оваа опасност. 
Документот на германската тајна служба проценува дека во земјата се директно погодени околу 300 деца. Децата во некои семејства „уште од раѓање се учат на екстремистички поглед на светот кој легитимира насилство против другите и ги деградира оние кои не се дел од групата“, се вели во извештајот.
Во него се изразува и загриженост за семејствата кои патувале во воени зони на Блискиот исток, како и за оние кои останале во Германија.
Масен предупредува дека тековната „џихадистичка социјализација на децата“ е „алармантна“ и ќе претставува голем предизвик за властите во следните години.

Следење на малолетници?

Истражувањето на службата веќе ги алармираше политичарите на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел кои повикуваат на намалување на границата за следење на осомничени лица на помалку од 14 години.
„Тука не се работи за криминализирање на луѓето на возраст под 14 години, туку за одбрана од значајни закани за нашата земја, како исламскиот тероризам кој исто така таргетира деца“, изјави Патрик Зензбург од ЦДУ.
Штефан Мајер, портпарол на баварската ЦСУ, оценува дека таквата мерка ќе биде и во правец на заштита на погодените деца, наведувајќи дека дел од поединците кои патувале во кризни региони како Сирија и Ирак за да се придружат на џихадисти биле многу млади.
Херберт Реул, министер за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, вели дека на властите им се потребни адекватни „инструменти за справување со трауматизирани и насилни повратници кои се на возраст под 14 години“.
Границата за следење во оваа покраина беше намалена од 16 на 14 години во 2016 година.

Deutschland Verfassungsschutz-Symposium Hans-Georg Maaßen in Berlin
Шефот на германската тајна служба Ханс-Георг МасенФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache