1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија позаинтересирана за ЕУ отколку за НАТО

21 октомври 2017

Нова студија за одбранбените опции на Германија сугерира дека перцепцијата за заканите во Берлин се менува поради стравот од тероризмот и опасноста од Русија. Авторот Пол Тејлор вели дека тоа ги менува и приоритетите

https://p.dw.com/p/2lhAZ
Symbolbild Deutschland Bundeswehr Soldaten
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

Анкета на околу 200 водечки личности во германската одбранбена индустрија открива дека тие повеќе не ги гледаат САД како најважен сојузник и веруваат дека Берлин треба да се фокусира на механизмите на ЕУ, наместо на НАТО. Авторот на студијата објавена од бриселскиот тинк-тенк „Пријатели на Европа“, новинарот Пол Тејлор, вели дека светот на Ангела Меркел се променил до непрепознатливост во последните неколку години и дека и германската канцеларка ќе мора да се менува по таа линија.
„Имаше два големи шока кои ја изместија од нејзината опуштеност во однос на одбраната и комфорната позиција на Германија среде Европа опкружена со сојузници од НАТО и партнери од ЕУ“, вели Тејлор за ДВ. Тие два настани беа руската анексија на Крим во 2014 година и мигрантската криза во 2015. „Таа мораше да донесе тешки одлуки, но тоа го промени нејзиниот поглед на светот, нејзината географска карта на Европа“, вели Тејлор. Според него, Меркел конечно сфатила дека надворешните „граници“ на Германија всушност се Русија и Украина, Северна Африка и Блискиот Исток.
Меркел, вели тој, сфатила дека многу ги ослабела вооружените сили со долгогодишните кратења на буџетот и ја променила политиката во 2016 година. Сепак, на Германија ќе и требаат децении за да се поврати- најмалку 15 години за нејзините воздухопловни сили да станат конкурентни, смета Тејлор. За Германија, тоа не е прашање на пари, туку на начин на размислување. „Сенката на историјата ја прави таа одлука многу тешка за Германија“, вели Тејлор.

Belgien Paul Taylor
Пол ТејлорФотографија: DW/T. Schultz

За самостојност на Европа се потребни пари

Меркел најави дека сака промена на таквата политика со, сега веќе, познатата изјава дека Европејците „мора си да ја земат судбината во свои раце“ поради двосмисленоста на претседателот на САД, Доналд Трамп кон заедничката одбрана на НАТО. Сепак, многу Германци остро се спротивставуваат на зголемувањето на воениот буџет, а причината, според аналитичарката на Европскиот совет за надворешни односи, Улрике Франке, е токму Трамп. Таа смета дека притисокот од Трамп за трошење на два проценти од буџетот на одбрана е контрапродуктивен и ги тера Германците да размислуваат повеќе за одбранбена стратегија во рамките на ЕУ. „Германците се загрижени дека САД под раководство на Трамп би можеле да започнат војна и да го вовлечат и НАТО со Германија во него“, вели Франке. 

Спас во ПЕСКО?

Алис Бијон-Гајанд, истражувач во Европската мрежа на лидерство (ЕЛН), смета дека историјата на европската одбрана е „серија на пропуштени шанси“, но забележува дека се јавуваат охрабрувачки нови иницијативи. Една од нив е „ПЕСКО“, или Постојана структурна соработка, која се залага за споделување на ресурси и пополнување на празнините во пан-европските капацитети. ПЕСКО ја има поддршката на Германија и Франција. „Постои генерална идеја дека сега е вистинското време за да се стори нешто“, вели таа за ДВ.
Тејлор верува дека без разлика кога и како Меркел и нејзината нова влада ќе одлучат да инвестираат во одбраната, нештата мора да се менуваат. Тој се залага за усвојување на предлогот со кој парламентот ќе може однапред да одобрува одредени воени мисии за германските војници кои служат во НАТО или во мултинационалните сили. Во моментов, сите германски воени операции поединечно мора да бидат одобрени од Бундестагот.
Тејлор пишува дека во „12 месеци по гласањето за Брегзит, ЕУ сторила поголем напредок на хартија кон формирање на Европска одбранбена унија отколку во претходните 25 години“. Иако смета дека отстранувањето на британските „опструкции“ ќе го забрза процесот на донесување одлуки, тој исто така ги советува Берлин и Париз да ја задржат соработката со Велика Британија, која е најголем европски потрошувач во одбраната.