1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмногу работни дозволи за градежници од Балканот

ЕМФ /welt.de
2 октомври 2017

Бројот на работни дозволи за луѓето од Западен Балкан во Германија за првите осум месеци од годинава се зголемил за 70%, пишува весникот „Велт“.

https://p.dw.com/p/2l54L
Deutschland | Baustelle Humboldtforum
Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Работа во Германија - тоа за многу луѓе од земјите од Западен Балкан претставува единствен начин да избегаат од невработеноста во својата земја, пишува денеска весникот „Велт“, кој го анализира процесот на издавање работни дозволи за граѓаните од државите од регионот. Повикувајќи се на Сојузната агенција за работа, весникот пишува дека „во првите осум месеци бројот на работни дозволи се зголемил за 70% и изнесува 63.000“. Тоа значи дека „секоја трета работна дозвола за заинтересирани кандидати од трети држави е издадена на некој граѓанин од земјите на Западен Балкан“.

Потенцирајќи дека олеснетите услови за добивање работна дозвола се воведени на почетокот на 2016 година, за на тој начин да се намали притисокот врз властите за доделување азил, „Велт“ објаснува дека државите од регионот беа прогласени за сигурни земји на потекло, што значи дека шансите за добивање азил за луѓето од тие земји беа сведени практично на нула, а за сметка на тоа беше обезбеден привилегиран пристап од германскиот пазар за работа.

„За разлика од вообичаениот процес на доселување во Германија за луѓето од трети земји, дозволите (во случајот на Западен Балкан, н.з.) не се доделуваат според квалификација. На пример, за да се добие т. н. сина карта за висококвалификувани во Германија мора да се докаже дека ќе се заработува најмалку 50.000 евра бруто годишно. За професии каде има голема потреба од стручна работна сила таа граница е 39.000 евра... Во случајот на државите од Западен Балкан ваквите услови не важат. Соодветно на тоа ниска е и квалификацијата на лицата кои бараат работа. Само 3,4% од кандидатите за работа се со завршено универзитетско образование или специјалисти. Во 47% од случаите во кои е доделена работна дозвола се работи за лица кои извршуваат помошна дејност. Тоа што и ваквите лица наоѓаат работа во Германија, се должи на добрата конјунктура во земјата. Во некои региони од Германија речиси и не можат да се најдат работници. Тоа особено важи за јужна Германија“, пишува весникот „Велт“.

Stempel Arbeitserlaubnis
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Во уште еден текст на оваа тема во истиот весник, се наведува дека најмногу работни дозволиво Германија им се дадени на кандидати кои бараат работа во градежништвото (половина од работните дозволи се дадени за градежни рбаотници), а за работна сила од Балканот побарувачката е голема и во угостителството, но се бараат и негуватели на стари лица, хигиеничари и градинари.