1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија итно бара кандидати за стручна обука

Даниел Хајнрих
1 август 2018

Во август во Германија започнува новата наставна година за стручното образование. Додека претпријатијата се жалат на недостаток на кандидати, голем број млади воопшто не наоѓаат место за стручната обука.

https://p.dw.com/p/32Ng3
Deutschland Azubis gesucht
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Мартин Палац воздивнува. Меѓутоа, тоа не е поради летните горештини. Палац е шеф на кадровската служба во претпријатието „Хотгенрот Софтвер“ која меѓу другото изработува планови за енергетско снабдување и опремување на градежните објекти. Фирмата е основана на средината на 90-те од минатиот век и во моментов во Германија и во Австрија вработува 200 работници.

Без оглед на досегашните успеси шефот на кадровската служба има проблем. Имено, му недостасува добар подмладок: „Бројот на лица, кои се пријавуваат е релативно висок. За жал, мора да констатираме дека многу од нив го немаат потребното знаење. Делумно им недостасува и основно образование и нормални особини, во кои спаѓа убавото однесување. Тоа денес го нема кај многу млади луѓе“.

Ширум Германија премалку квалификувани приправници

Искуствата на Палац не се исклучок. Во Германија традиционално во август започнува новата наставна година за стручно усовршување. Стопанството расте, а потребата за квалификувани приправници е во постојан пораст. Колку на германските претпријатија деновиве им е тешко да ги пополнат приправничките места, најдобро покажуваат резултатите од истражувањето, кое на средината на јули го објави Германската индустриска и трговска комора (ДИХК): секое трето место во претпријатијата, кое е планирано за приправници е непополнето.

Martin Palacz, Personalleiter Hottgenroth Software GmbH & Co. KG
Мартин ПалацФотографија: Privat

Речиси секоја десетта фирма во Германија, што значи речиси 17 илјади, веќе воопшто не добива пријави од млади луѓе. Во споредба со минатата година тоа е зголемување за 10 проценти. Посебно погодени се хотелиерството и угостителството, но слична е ситуацијата и во занаетчиството, пекарството, но и во градежништвото, кое во последните неколку години бележи процут.

Кристофер Мајер е шеф на одделението за стручно усовршување во ДИХК. Тој вели дека две третини од учениците матурираат. А со тоа е често поврзано и сфаќањето дека со матурата в џеб мора да се студира.

Многу матуранти сакаат да студираат. Веќе со години во тренд е младите да тежнеат кон поголем степен на образование. Дуалниот систем, за жал, во моментов не е на прво место кај оние кои завршуваат средно училиште. Врз основа на тоа бројот на кандидати за приправничка работа е помал“, вели Мајер.

Многу млади без приправничко место

Другата страна на медалот изгледа сосема поинаку. Според статистичките податоци на Германскиот завод за вработување, во изминатите неколку години во постојан пораст е бројот на млади, кои останале без место за стручно усовршувања. Само во изминатите осум години тој број двојно се зголемил. Посебно се погодени секторите како механотроника, медицина и администрација.

На една страна се претпријатијата кои очајнички бараат приправници, а на другата се младите кои не можат да пронајдат приправнички места. Како тогаш доаѓа до отстапувавање? Кристоф Мајер во интервјуто за ДВ вели дека има едноставно објаснување: голем број ученици кои завршуваат средно училиште се заинтересирани за стручна обука и се стремат кон големите претпријатија. Малите и средни претпријатија кај таквите ученици се непознати или едноставно не им се занимливи“.

Deutschland Duale Ausbildung Azubis in Sindelfingen Archiv 2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претпријатијата мора да бидат поотворени

Мајер вели дека и училиштата мора поактивно да се вклучат во решавањето на актуелниот проблем. „Пред сѐ гимназиите мора да сфатат дека нивна задача не е само да ги подготват учениците за студирање. Еднаквата вредност на академското и стручното образование сѐ уште не е усидрена во главите на многумина. Заинтересираните кандидати мора да бидат поотворени за алтернативи: стручно, но и регионално. Меѓутоа и претпријатијата мора да бидат поотворени, кога, да речеме, станува збор за училишните оценки и завршеното училиште“.  

Предлогот на Мајер со голем интерес се прима во „Хотгенрот Софтвер“. Мартин Палац ја истакнува тесната соработка со ДИХК и со училиштата. Ова претпријатие објавува огласи во списанијата за стручно усовршување и во училишните весници, а се претставува и на саемите за стручно образование. Палац вели дека резултатите во многу случаи се разочарувачки: „Кандидатите понекогаш доаѓаат со искинати маици и фармерки, бидејќи сметаат дека облеката не е така важна. Не мораат да доаѓаат во костуми, но пристојни фармерки и кошула би биле доволни. Без оглед на многу технички решенија, како што е автоматската корекција на текстовите во Ворд, ретко добиваме барања за прием, кои се граматички исправно напишани“.