1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втората шанса за Грција

Бернд Ригерт
20 август 2018

ЕУ ги спаси Грците од банкрот. Тоа беше тешко, а понекогаш и нефер. Но, немаше друга алтернатива. Од утре почнува нов експеримент, коментира Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/33PNW
Griechenland EU Fahne vor dem Parlament in Athen
Фотографија: picture-alliance/R. Geiss

Европската унија докажа огромна солидарност во период од осум години и покажа дека е можно да се постигнат неверојатни достигнувања заедно. Санирањето на пропаднатиот случај Грција, сосе сите грешки и сите тешкотии што ги доживеа грчкиот народ, е огромен успех на ЕУ, а особено на земјите од еврозоната.

Кога во 2010 година стана јасно дека грчката држава поради огромниот дефицит, малата продуктивност, преголемите плати и прекумерната лична потрошувачка е пред банкрот, Европа и меѓународните монетарни фондови одлучија да им помогнат на Грците. А не мораа да го направат тоа. Според европските договори, категорично се исклучува опцијата за „откупување“ на долгови. Поради тоа земјите постигнаа согласност да ѝ позајмат пари на Грција под екстремно поволни услови, за да може да продолжи да ги исполнува тековните обврски, како на пример да ги исплаќа државните плати и пензии. Се разбира, еврозоната не го презеде овој чекор само од солидарност, туку и од сопствен интерес - за да спречи ширење на кризата кон останатиот дел од монетарната заедница.

Беа преземени мерки за да се осигура дека банките во Германија, Франција и Шпанија нема да доживеат банкрот и со Грција да бидат повлечени во амбис. Но, земјите од Евро-зоната и ММФ можеа да постапат и поинаку, ако ги слушаа сите апокалиптични гласови кои предвидуваа дека спас на Грција е невозможна мисија.

Тешки услови, ама немаше друга алтернатива

Без поставување тешки услови финансиската санација на Грција немаше да биде можна. Државата мораше драстично да го намали своето прекумерно трошење. Народот да остане без работа и без плати. Економијата се намали. Сите овие тешкотии беа неизбежни, бидејќи едноставно не можеше да се продолжи како порано - со живот на кредит. Сепак, кога ќе се направи ретроспектива, сите овие рестрикции можеби можеа да бидат така структурирани за да бидат повеќе социјално подносливи.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Рестрикциите беа потребни за да се натера владата и економијата да спроведат структуирни реформи кои со години не беа возможни во Грција. Сите критичари кои тврдеа дека кредиторите ја „исцрпеле земјата до смрт од штедење“, грешат. Без мерките на санација, Грција немаше да стаса далеку. Сѐ ќе пропаднеше: ќе беше исфрлена од еврозоната и целосно исклучена од каков било извор на финансирање.

Левичарскиот популист, премиерот Алексис Ципрас, кој сега се стави во улога на човекот кој ја ослободи Грција од јамката на кредиторите, многу бргу се справи со ова. Неколку месеци тој и левичарските бунтовници, заедно со неговиот прв министер за финансии Јанис Варуфакис, бунтуваа против финансиерите. Во 2015 година Ципрас ја доведе државата до раб на инсолвентност. Потоа, откако веќе стоеја пред амбисот, тој го смени ставот и воведе такви рестриктивни мерки како никогаш претходно. Ги зголеми даноците, а во исто време ги промени реформите. Сѐ на сѐ, тој спроведе мерки кои беа во линија на курсот за обнова кој го поставија земјите од еврозоната, и сега тоа го продава како своја победа и успех. Зошто ова проаѓа кај Грците е навистина мистерија.

Ќе успее ли ова на долг рок?

Испадите на Ципрас и Варуфакис придонесоа економијата да биде во лоша кондиција и земјата да биде под чадорот за спас речиси три години подолго од предвиденото. Во секој случај, работите се подобруваат, но полека. Ова не е поради идеите на левичарската влада во Атина, туку поради спасувачкиот курс на ЕУ. Од 21-ви август, земјата повторно мора да застане сама на финансиските пазари и да се обиде да позајми пари со разумни каматни стапки. Ова може да функционира само ако секоја грчка влада отсега натаму се држи до буџетска дисциплина и ако ја подобрува конкурентноста на земјата. Грција тешко ја освои својата втора шанса. Таа не смее да се прокоцка.

Програмата за спас и рехабилтиација на Грција се однесува и на иднината. Финансиските и фискалните цели се поставени до 2023 година и понатаму. Најновите заеми нема да бидат исплатени до 2060 година. Претставници на ММФ се сомневаат дека Грција ќе може да издржи толку долго. Од друга страна, прогнозите на Европската Комисија се пооптимистички.

Солидарноста на Европејците мора да продолжи. И ЕУ извлече поука од кризата во Грција. Во меѓувреме има фонд за кризни ситуации, кој е обезбеден со договор и доволно капитал. Процедурите се веќе увежбани. За следната криза сите се добро подготвени. ЕУ ќе го испорача своето и покрај сите спротивни гласини на оние на кои тоа така им одговара. Кога популистите од Полска до Италија би носеле одлуки за ЕУ, тогаш црно им се пишува на земји како Грција. Со ставот „Мојата земја на прво место“, господата Салвини од Италија или Штрахе од Австрија секако не би им помогнале втор пат на Грците.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија