1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џулијан Асанж и дефинитивно на слобода

16 декември 2010

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж треба да биде пуштен од притвор, откако судот во Лондон му го укина притворот. Судот ја одби жалбата на британското обвинителство, а за екстрадиција ќе одлучува на 11 јануари

https://p.dw.com/p/QdPV
Џулијан Асанж на денешното сослушување пред Судот во ЛондонФотографија: picture alliance/dpa

Судот во Лондон денеска и дефинитивно му го укина притворот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, и ја отфрли жалбата на британското обвинителство. Асанж ќе има можност од слобода да се бори против барањето за екстрадиција кое го поднесе шведското обвинителство. Асанж од шведското обвинителство е осомничен за силување и за сексуално насилство на две жени, извршени во Шведска во август оваа година. Тој го отфрла таквото обвинување и се противи на неговото префрлање во Стокхолм, тврдејќи дека тоа е политички мотивирано, поради публикувањето на тајните документи на американската дипломатија.

Судот ја прифати кауцијата од 240 илјади фунти, сума која ја собраа група еминентни британски и светски личности, но на Асанж му одреди строги услови за да остане на слобода. Основачот на Викиликс ќе мора да го предаде пасошот, секојдневно да се јавува во полициска станица и 24 часа дневно да носи електронска алка. Неговиот адвокат соопшти дека во најлош случај, Асанж ќе биде ослободен утре, поради тоа што паричната сума за кауцијата мора да му биде исплатена во кеш на лондонскиот суд.

Процесот за евентуалната екстрадиција на Асанж во Шведска ќе започне на 11 јануари следната година.

Автор: БГ/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска