Џорџ Клуни на брод без дозвола?
29 август 2013„Гравитација“, вселенскиот трилер на Мексиканецот Алфонсо Куарон со Џорџ Клуни и Сандра Булок во главните улоги, го отвори синоќа 70. венецијански филмски фестивал - најстар филмски фестивал во светот. Научно-фантастичниот трилер во кој Булок и Клуни играат астронаути во рутинска мисија, во која по хаварија на леталото се наоѓаат отсечени во вселената, беше прикажан во програмата надвор од конкуренцијата, во којашто ќе бидат прикажани вкупно 22 остварувања на режисери кои веќе имаат стекнато углед на претходните изданија на фестивалите.
Во филмот Булок го толкува ликот на д-р Рајан Стоун, медицински инженер во нејзина прва мисија, која се потпира на ветеранот-астронаут Мер Ковалски, кој го толкува Клуни, за да може да преживее со постојаните паѓања на нивото на кислород во вселенскиот брод. Клуни и Булок на прес-конференцијата изјавија дека овој филм е еден он најизискувачките – и во физичка и во ментална смисла, во нивните кариери.
Во Венеција се бара поостро регулирање на водниот сообраќај
Неколку часа по проекцијата актерот Џорџ Клуни се соочи со уште еден предизвик. Адвокатот Марио Д’Елија го пријави во венециската полиција и кај локалните власти, барајќи да проверат дали Џорџ Клуни поседува дозвола за управување со пловни објекти. Повод за пријавата се фотографиите направени во вторникот, на кои се гледа дека Клуни управува со такси на вода, додека носи промотивна маица за текилата што ја произведува со своите пријатели. На прес-конференцијата во Венеција по повод промоција на неговиот филм, тој се шегуваше дека ова е една од најопасните работи што ја направил.
Медиумите информираат дека „нервите попуштаат“ во Венеција околу правилата за водениот сообраќај, откако овој месец се случи судир меѓу брод и гондола, во кој загина германски турист.
Златниот лав ќе се додели на 7 септември
На Венецискиот фестивалот во следните десет дена ќе бидат прикажани 50 филмови на познати светски автори и млади таленти. Дваесет филмови, меѓу кои ќе биде прикажан и еден филм изненадување, ќе се натпреваруваат за Златниот лав, кој на 7 септември ќе го додели жири комисијата, со која претседава 73-годишниот Бернардо Бертолучи.
Освен Златниот лав за најдобар филм, меѓународното жири ќе додели и Сребрен лав за режија, Специјална награда, како и награди за најдобри актер и актерка, наградата Марчело Мастројани за најдобар млад актер, наградата за најдобро сценарио, како и наградата за технички придонес на филмот.
Специјалната награда „Persol 2013“ за придонес во меѓународната кинематографија годинава ќе му припадне на славниот полски режисер Анджеј Вајда. По свеченото доделување на 5-ти септември, ќе биде прикажан новиот филм на Вајда „Валеса. Човекот на надеж“, кој претставува биографска сторија за приватната, интимната страна на големиот полски синдикален лидер Лех Валеса, кој подоцна стана и претседател на државата.