1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џозеф: Самарас да го реши спорот за името кој го создаде

АМ/миа10 ноември 2012

Претседателот Барак Обама нема да ја промени политиката кон Македонија, Андонис Самарас може да го реши спорот за името кој го создаде, а грчкиот национализам мора да се менува од внатре, оценува Едвард Џозеф.

https://p.dw.com/p/16gSp
Фотографија: dapd

Едвард Џозеф, поранешен претставник на Меѓународната кризна група за Македонија, а сега вработен во Центарот за трансатлански односи во Вашингтон, оценува дека американската политика кон Македонија и проширувањето на НАТО и во новиот мандат на претседателот Барак Обама ќе се одликува со континуитет. Џозеф смета дека и во изминатите години немало застој во активностите за проширувањето на НАТО.

„Не гледам причина за некоја драматична промена во политиката и не верувам дека во изминатите четири години работата на проширувањето, на некој начин, се забави. Тоа е процес кој зависи од една земја кандидатка до друга, јасно е што секоја држава треба да стори. За Македонија на сите ни е јасна која е пречката и тоа е еден многу несреќен проблем“, вели Џозеф.

USA Obama Wirtschaftspolitik Rede
Обама ќе продолжи со константна политика кон МакедонијаФотографија: Reuters

Тој оценува дека изборот за премиер на Андонис Самарас, како политичар кој со своите националистички политики во 1990-те години го има создадено проблемот околу името на Република Македонија, го става во позиција да може сега да работи да се реши спорот. Според Џозеф, тоа што Самарас е неспорно тврд по прашањето на Македонија, значи дека грчката јавност ќе му верува доколку понуди решение, по примерот на американскиот претседател Ричард Никсон, кој како познат критичар на комунизмот успеал да го совлада отпорот на нормализирањето на односите со комунистичка Кина.

„Постоењето на неонацистички групи ги прекршува демократските норми“

По прашањето на подемот на грчкиот национализам, Џозеф вели дека меѓународната заедница може да и’ помогне на Грција, но дека вистинската промена мора да дојде одвнатре.

„Јасно е дека грчкиот бренд, грчката демократија, претрпеа многу штета. Подемот на Златна зора и таквите групи, чувството дека земјата се движи без насока, неможноста да се сфати големината на предизвикот, честите избори што се држат едни по други - нивниот бренд дефинитивно е многу нарушен. Мислам дека најзначаен развој кој би можел да се случи во Грција нема да дојде од надвор, преку набљудувачи на ОБСЕ или на Советот на Европа, туку најголемото можно подобрување, кое би се одразило и на односите со Македонија, треба да дојде внатре во Грција. Од граѓанското општество и раководството во Грција, кое ќе сфати дека земјата мора да ги почитува основните демократски норми, а постоењето на неонацистички групи ги прекршува овие норми“, смета Џозеф, а пренесува агенцијата МИА.