1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џиновски домат и мускулести крави

Марина Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска31 октомври 2013

Генетски модификуваните организми се предмет на остра полемика во ЕУ, било да станува збор за одгледување, трговија или увоз. Се преплетува влијанието на политиката, економијата и науката, а тоа се одразува на законите.

https://p.dw.com/p/1A95t
Фотографија: Getty Images

Србија и Босна и Херцеговина се единствени земји на Балканот и меѓу малубројните во светот кои се‘ уште не се членки на Светската трговска организација. Покрај целосната интеграција во меѓународниот трговски систем, членството во оваа организација е предуслов и за пристпаување во ЕУ. Од Брисел на Белград му е препорачано, меѓу другото, да го усогласи и своето законодавство со европското во сферата на трговијата со генетски модификувани организми (ГМО).

Анкетите велат дека мнозинството граѓани се спротивставуваат на присуство на ГМО, вклучувајќи одгледување, но и увоз и трговија. Меѓутоа, српскиот министер за земјоделство, Драган Гламочиќ, вели дека прво би било забрането само одгледување на ГМО во Србија. „Што се однесува до трговијата, тоа мора да се усогласи со законодавството на ЕУ“, изјави Гламочиќ во Брисел, по средбата со еврокомесарот за здравје и заштита на потрошувачите Тонио Борг. „Тоа не значи дека ние ќе дадеме дозвола за трговија со се‘ и дека тоа ќе се прави стихијно“, вели Гламочиќ. Постојат прецизни регулативи како тоа се прави и здравјето на потрошувачите сигурно нема да биде загрозено, како што не е загрозено ниту здравјето на потрошувачите во ЕУ.“

Dragan Glamocic
Драган ГламочиќФотографија: DW/M. Maksimovic

„Кој тоа го труе народот?“

И додека во Србија се води жестока расправа околу прашањето „Колку увозот на ГМО може да се контролира?“ или „Кој тоа сака да го труе народот?“, ниту во самата ЕУ нема единствен став околу употребата и влијанието на ГМО. Од една страна, може да се слушнат оние кои наведуваат дека и по повеќе од 15 години одгледување и конзумирање во светот, нема конкретен доказ за влијанието на ГМО врз здравјето на луѓето, животните и природата. Други пак велат дека храната без генетски модифицирани материи е предуслов за здрава и квалитетна исхрана, како и дека е докажано оти ГМО, поради зголемена употреба на пестициди, ги загадуваат водата и земјиштето.

Symbolbild Genfood Mais Labor
Фотографија: Fotolia/igor

„Не постои студија која вели дека ако јадете ГМ-пченка, да речеме пуканки или корнфлекс, веднаш ќе се разболите или дека од тоа ќе умрете“, вели за ДВ Муте Шимф, стручњак за земјоделство од организацијата Пријатели на Земјата. „Имаме истражувања кои покажуваат дека ризик можеби постои, како влијание на некои параметри во крвта или на функционирањето на црниот дроб. Засега имаме само индикации за потенцијален ризик од ГМО, но едноставно не знаеме доволно за тоа“, додава Шимф.

Месо без етикета

Ширум ЕУ, слично како во Србија, кај потрошувачите постои отпор кон производите кои во својот состав имаат генетски модификувани материи. Водечките европски трговски ланци и немаат такви производи во својата понуда или во спецификациите, иако со ситни букви е нагласено присуството на ГМО. Меѓутоа, од ваквото етикетирање се изоставени месото, млекото и јајцата на животни кои денес, барем делумно, се хранат со генетски модификувана храна, на прво место со зрна соја која се увезува од Северна и Јужна Америка.

Meismehl GMO Bosnien
Фотографија: DW

„Тука се поставува прашањето на транспарентност во ЕУ. Мора да го означите производот ако содржи 0,5% генетски модификувани материи, но ако купувате месо, млеко или јајца, таква информација немате. Затоа и се бара промена на стандардите во обележувањето на храната во ЕУ“, објаснува Шимф. Покрај производите од животни во чија исхрана имало ГМО, го знаеле ние тоа или не, во нашите домови има и лекови произведени на база на ГМО.

До европските ниви стигна само пченката

Кога станува збор за одгледувањето, засега само СмартСтакс, вид на пченка од лабораторијата Монсант, е единствена ГМ-житарка која смее да се одгледува во ЕУ. И нејзе ја забранија девет членки на ЕУ, меѓу кои Франција, Полска, Германија, Австрија, Унгарија, Италија. Најголем производител на оваа сорта се Шпанија, Чешка, Словачка и Романија, но таа во просек зазема помалку од 0,1% од сите обработливи површини во ЕУ.

И додека оние кои мислат дека Европа покажала оти не е пазар за биотехнолошката индустрија, на листата на чекање на одобрение за увоз во ЕУ зе наоѓаат 11 видови ГМО за одгледување и нови 46 производи за исхрана на луѓе и животни кои содржат генетски модификувани материи.