1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе следи укинување на мониторингот?

28 април 2009

Европа треба да и‘ помогне на Македонија да напредува, беше речено во дебатата во Парламентарното Собрание на Советот на Европа за изборниот мониторинг на претседателските избори. Извештајот со препораките е усвоен.

https://p.dw.com/p/HfWT
Од Старзбур се упатени неколку поракиФотографија: picture-alliance / dpa

Парламентарното собрание на Советот на Европа испрати неколку препораки до Македонија, во кои и‘ советува законските промени, посебно во делот на изборните закони, да не се прават непосредно пред избори и тоа да биде во тесна соработка со сите политички сили и граѓанското општество.

Андреј Жерновски беше единствениот претставник од македонската делегација кој доби збор во дебатата, по која беше усвоен извештајот со препораките. Тој, како претставник на опозицијата во македонскиот парламент, пред ПС на СЕ нагласи дека претседателските и локалните избори „го покажале степенот на демократска зрелост на македонското општество и способноста да организира демократски избори благодарејќи на своите институции.“ Жерновски смета дека „Собранието ќе треба го земе во предвид ова и да го затвори процесот на постмониторинг дијалог со Република Македонија.“ Затворањето на овој процес значи дека земјата ги исполнила критериумите од Копенхаген.

Македонија покажа дека сака да биде дел од Европа

За францускиот сенатор Жан Клод Фрекон (социјалист), кој во името на целата француска делегација и‘ изрази силна поддршка на Македонија, одржувањето на демократски избори претставува добра вест. „Македонија ни испрати порака дека сака да се интегрира во европското семејство.“ Фрекон побара да се гледа со почит на земјата. Според францускиот сенатор, потребна е силна подршка за Македонија, бидејќи ако таа и натаму остане на маргините на европските организации, само ќе се зацврстат сомневањата и чувството на етничка затвореност. „Колку НАТО и ЕУ ќе се колебаат околу интеграција на Македонија, се повеќе некои албанофонски партии ќе бараат проширување на принципот на двотретинско мнозинство во целата законодавна област“, предупреди францускиот сенатор. Според него, потребно е да се запрат сите фрустрации на еден дел од населението, што е мајка на радикализацијата, заклучувајќи на крајот дека овие избори ја обврзуваат Европа и земјата да напредуваат.

Mazedonien Wahlen 3
Последните избори во Македонија покажаа подобрувањеФотографија: DW

Подобрување во однос на претходните избори

„Сегашните претседателски избори, во споредба со ланските вонредни парламентарни избори, се подобри, затоа што на овие избори отсуствуваа насилство, жртви и сериозни нарушувања на избирачкиот процес“, вели Игор Ивановски, член на македонската делегација од опозициската СДСМ. Тој инсистира на забележаните проблеми и препораките за проверка на гласачкиот список, исто како и за понудената помош од Советот на Европа преку Венецијанската комисија во областа на законодавство. „Таа помош треба да ја искористиме, бидејќи Македонија има уште многу да направи, за навистина да спроведе фер и демократски избори во иднина“, завршува Ивановски.

„Мислам дека острите зборови или критики кои ги има во сегашниов извештај се практично резултат на минатогодишните настани. Инаку, повеќето се позитивни и слушајќи ги искажувањата на оние кои дискутираа по извештајот, можеме да бидеме многу задоволни и можеме набрзо да очекуваме симнување на пост-мониторинг мисијата за Република Македонија, “ оценува од своја страна Зоран Петрески од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ПС на СЕ, Шпанецот Луи Мариа де Пуч, задоволен од начинот на кој се одвиваа претседателските избори во Македонија, вели: „Најпрво сакам да и‘ честитам за начинот на кој беа организирани изборите и посакувам да продложи работата на усовршување на македонската демократија.“

Автор:Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска