Ќе се држи ли Асад до договорот?
12 април 2012„Досега немаме добиено извештаи за вооружени инциденти во Сирија“, изјави Рами Абдел Рахман, раководител на Сириската опсерваторија за човекови права, стационирана во Лондон, за германската новинска агенција ДПА. И други сириски активисти за светските новински агенции изјавија дека во земјата е мирно, но оти не може да се процени како натаму ќе се развива ситуацијата.
Во Сирија истече рокот за воспоставување на примирјето. Од шест часот по локално време, согласно планот на Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската Лига, Кофи Анан, оружјето мирува. Владата на претседателот Башар ал-Асад претходно најави оти има намера да се придржува кон прекинот на огнот. И нејзините противници од Слободната сириска армија исто така најавија дека ќе го почитуваат примирјето.
Меѓународна скепса
Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на САД Барак Обама со скепса гледаат на ветувањата и намерите на Асад. Во телефонски разговор пред истекот на рокот за стапување во сила на примирјето во Сирија, Меркел и Обама изразиле загриженост за тоа колку долго би можел да трае прекинот на огнот.
Асад во минатото веќе даваше празни ветувања за откажување од насилството, изјави портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни во Вашингтон. Владата на САД заедно со нејзините сојузници ќе разгледа дополнителни мерки против режимот во Дамаск, доколку не се почитува прекинот на огнот. Обама и Меркел, како што рече Карни, се заложиле за порешително дејствување на Советот за безбедност на ОН во сириската криза.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на маргините на состанокот со неговите ресорни колеги од земјите-членки на Г8 во Вашингтон истакна: „Се разбира дека нема да прифатиме ако режимот на Асад игра на време. Но во овој момент е исправно да се полага надеж во политичко решение“.
Мировниот план на Кофи Анан, покрај прекинот на огнот, предвидува и воспоставување политички дијалог, упатување на хуманитарна помош и запирање на произволните апсења од страна на режимот. Други точки во планот се слободен пристап за новинарите и гарантирање на граѓанските права за Сиријците.