1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Griechen EU-Rettung

27 јануари 2012

Додека траат натегањата околу размената на грчките обврзници, т.н.„Тројка“ притиска за структурни промени. Притоа, преодниот премиер Лукас Пападимос наидува на отпор и во сопствените редови.

https://p.dw.com/p/13qFM
Фотографија: picture alliance/ZB

Во Атина речиси никој не се чуди поради одолговлекувањето на преговорите за бришење на долговите на Грција. Ризикот и блефот се дел од зделката, велат коментаторите и очекуваат преговорите да се одолговлечат до средината на февруари. Грците многу повеќе се загрижени поради препораките од економските експерти да истапат од еврозоната.

Танасис Мавридис, еден од водечките грчки економски публицисти, смета дека тоа би бил погрешен чекор. Освен ова, истапување на Грција од еврозоната не е од интерес ниту на меѓународните донатори. Ако беше така големите европски сили одамна ќе го направеа овој чекор, уверен е експертот од Атина.

„Оној кој во странство сериозно се занимава со грчкиот пациент, знае да ги одмери про и контра аргументите, при што неизбежно се доаѓа до заклучок, дека истапување од еврозоната е опција која никому не одговара“, уверен е Мавридис.

И покрај значителниот застој во реформите експертот е уверен дека Грција со помош на европските партнери би можела да ја надмине актуелната криза. Но, на земјата и‘ се потребни партнери, а не судии.

Проблемите се домашни

Во меѓувреме, во ова се уверени многу Грци, пред се’ оние со пониски примања, чии приходи од почетокот на кризата исчезнуваат. Тоа што веќе две години во земјата ништо не се одвива без одобрение од економските експерти од странство, мора да биде дозволено и прашањето - дали сите чекори на „Тројката“ се во вистинскиот правец, се вели во грчкиот печат. Мавридис е уверен: оној кој навистина сака да и‘ помогне на Грција, не би требало паушално да ги казнува сите граѓани со нови и нови даноци, туку да ја притисне политичката класа во земјата на реформи и укинување на системот на непотизам, кој кочи се’. Во принцип не може да се негира дека проблемите во поголемиот дел се домашни.

„Погледнете што се случи во Солун пред неколку денови: беше откриен синџир на приватни лихвари, кај кои дебело заработувале и високи службеници од фискалната полиција и дубиозни личности со контакти во политиката“, појаснува Мавридис. Ако не се истреби ваквата длабока корупција, тогаш сето останато нема никаков смисол, дополнува публицистот. Европа би можела да помогне со тоа што ќе изврши притисок, на пример да бидат отпуштени од работа стотици илјади службеници, кои од 2006-та година го уживаат службеничкиот статус поради нивните политички врски, без да бидат распишани конкурси за работни места, смета Мавридис.

Незадоволството расте

Незадоволството од политиката се отсликува и во актуелните анкети: народните партии уживаат поддршка под 30 проценти, левичарските партии наводно го удвоиле бројот на симпатизери, а неодамна во Атина беше формирана дури и Партија на пиратите, по примерот на Германија и сега и таа собира гласови. Но, борбите за превласт во Атина продолжуваат и во меѓувреме од тоа е погодена и привремената влада на Лукас Пападимос.

Griechenland Parlament
Фотографија: dapd

Изминатиот вторник преодниот премиер и носителот на надеж на нацијата мораше да претрпе тежок симболичен пораз: законот по брза постапка, кој предивидуваше слободно регулирање на времето на работа на аптеките, беше одбиен, бидејќи многу пратеници од социјалистите, кои впрочем се во владата, гласаа против или воздржано, по што министерот за здравство од редовите на социјалистите Андреас Ловердос најави дека законот повторно ќе го стави пред парламентот.

Поттик наместо мерки за штедење

Професорот во економска информатика на атинскиот универзитет, Јоргос Дукидис, уверен е дека на земјата итно и‘ се неоходни мерки кои ќе ја поттикнат конкурентноста.

„Грчката економија не смее да се потпира само на ниските плати, многу поважно е покачувањето на продуктивноста и конкурентноста преку отворање на пазарите“, појаснува економскиот експерт. Правните рамки за приватни инвестиции во моментов не биле сигурни, оделе во полза на бирократијата и ги покачувале трошоците на претпријатијата. Ова би морало брзо да се промени, смета професорот Дукидис.

Sparschwein mit Griechenland Flagge
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Наспроти некои предрасуди во северна Европа, Грците ниту се мрзливи, ниту се лошо квалификувани, појаснува професорот Дукидис. Но, мора да се создадат вистински рамковни услови, за луѓето да можат да го препознаат нивниот потенцијал и да го искористат.

„И покрај тоа што многу менаџери имаат многу добра квалификација, грчките фирми не се на високо рамниште“, смета економскиот експерт. Тоа пред се’ е поради бирократските преплетувања, кои треба да се надминат. Но, се разбира и самите претпријатија мора да размислат, како нивниот трговски модел може да генерира нов пораст, како да агираат во меѓунардните мрежи и да влезат во овторена конкурентност, подвлекува атинскиот професор.

Ако досега на дневен ред беа покачувањето на даноците и растењето на платите, сега во преден план треба да дојде модернизирањето на грчките фирми, кое веќе одамна е неопходно. И тројката би требало да изврши притисок во оваа насока. Останува уште владејачките партии да се согласат на реформите, за кои одамна рекоа дека ги поддржуваат.

Автор: Јанис Пападимитриу / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска