Ќе „оживеат“ ли кината во Македонија?
8 април 2012Новата опрема треба да создаде услови за прикажување филмови на 35-милиметарска филмска лента.
До крајот на годинава ќе започнат со работа кино салите во центрите за култура во Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино и Кочани. Тоа е првата фаза од проектот и ќе започне годинава, а ќе ги опфати кино салите во земјата кои поседуваат кино-проектор и кино-оператор .
„Таму можат да се направат најбрзите интервенции и може бргу да се воспостави некаква кино-мрежа. Тие заради мал дефект се неупотребливи десетина години“, вели Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на Македонија.
Во буџетските 2013 и 2014 година ќе бидат опфатени центрите за култура кои имаат киносала во добра состојба, но каде има потреба од поголеми инвестиции за кино опрема - проектор, платно, аудио опрема. Во втората фаза опфатени се центрите за култура во Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево, а со третата - Велес, Струмица и Делчево. Активирањето на 14-те кина во центрите за култура ќе чини 11 милиони денари и ќе се реализира преку Филмскиот фонд на РМ кој ја направи анализата на состојбите со опремата и условите за прикажување.
Башески: Амбициозни менаџери плус континуирана филмска програма е еднакво на полни кина!
„Потребата од ваков проект беше насушна. Зголемената филмска продукција има потреба од кино сали, а и публиката има потреба да ги гледа македонските, но и европските и светски филмови кои ни поминуваат пред нос“, вели Башески. Тој тврди дека публиката ќе се врати во кината само ако добро се менаџира со кино салите и доколку постои континуирана филмска програма. А пиратеријата?
„Големите компании и дистрибутерите восветот проблемот со пиратеријата го решаваат со брза дистрибуција - откако филмот ќе ја има светската премиера треба што побргу да пристигне и во нашите кина. Затоа и згаснаа кино салите - затоа што дистрибутерите не реагираа доволно бргу. Од друга страна, немаше доволно кино сали за да се исплати инвестирањето во купувањето на филмовите. На овој начин ќе се создаде кино мрежа, а тоа ќе биде основа и за работењето на македонските дистрибутерски компании “, вели Башески.
„Манаки филм“: Нелојална конкуренција во дистрибутерската дејност!
Ваквиот став на првиот човек на македонскиот Филмски фонд предизвикува незадоволство и револт кај најстарите дистрибутери во земјата што ги контактираше ДВ. Директорката на „Манаки филм“ Тања Ќурчиска-Пепељугоска се сомнева дека со овој проект за обновување на кино салите може да се подобри работата на дистрибутерите или пак дека воопшто може да се разбуди замрената институција- кино!
„Ова е по смрт - болест! Како ќе се активираат кината во Македонија!? Сè додека во земјава постои државен дистрибутер и т.н приватни кино дистрибутери, сè додека постои нелојална конкуренција во дистрибутерската дејност, никако нема да се подобри работењето на ’Манаки филм’“, изјави за ДВ Тања Ќурчиска-Пепељугоска.
Од дистрибутерската куќа СВ-РСА, воопшто не сакаат да коментираат.
Попусто се филмови ако нема кина!
Новиот македонски долгометражен филм „Скопје ремикс“ својата премиера на 30 март на имаше во киното „Милениум“ во Скопје, а до 19 април ќе се прикажува во киното „Фросина“. Продуцентот на филмот сега е во „акција“ за дистрибуција на филмот.
„Засега сме во договор со Младинскиот културен центар за да ни помогнат со дистрибуцијата на филмот во 15 градови во Македонија. Максимално ќе ја искористиме инфраструктурата што постои во другите градови за да го прикажеме ’Скопје ремикс’. Суштински е важно да работат кината во другите градови, како за овој, така и за другите македонски филмови. Инаку, попусто правиме филмови“, изјави за ДВ Борјан Зафировски, продуцент на филмот „Скопје ремикс“.
Стари проектори за нови филмови
Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид очекуваат обновување на кино-проекторот. „Публиката се враќа во нашето кино, а најмногу ги бара македонските филмови“, вели директорката на центарот, Драгана Велкоска. „ Навреме ги носиме актуелните филмови пред публиката во Охрид. Мислам дека имаме добра рекламна стратегија и континуирана филмска програма. Најважно е дистрибутерите да ги донесат филмовите во земјава во исто време кога е и светската премиера - и во Скопје, но истовремено и во другите градови во Македонија“.
До пред повеќе од деценија во Тетово работеа три кино сали , а потоа две од нив со денационализацијата се вратени на сопствениците, така што денес има едно кино кое со години не работи.
„Долги години немаме кино. Проекторот е стар, а и салата не е соодветна за проекции. Моравме да изнајмуваме техника за прикажување филмови“, вели Хаки Фазлиу, директор на центарот за култура во Тетово.
Во Филмскиот фонд велат дека со овој проект се комплетира филмската дејност во земјата. Се очекува заживувањето на кино дејноста во центрите за култура, да ја поттикне филмската култура.
Засега во Македонија работат само четири кина, од кои три во Скопје („Милениум“, „Рамстор“ и „Фросина“) и малата киносала во Центарот за култура во Битола, која беше реновирана со средства од Европскиот филмски фонд „Еуримаж“. Редовни проекции има и во Кинотеката на Македонија.