1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ги спаси ли Буш мировните преговори за Блискиот исток?

Philipp, Peter13 декември 2007

Првата рунда преговори меѓу Израелците и Палестинците по цели седум години – заврши брзо и без видлив успех. И не само тоа, двете страни во конфликтот дојдоа и си заминаа налутени. Има ли излез од ваквиот ќорсокак?

https://p.dw.com/p/Cb8o
Џорџ Буш со лидерите на страните во конфликтот, Ехуд Олмерт и Махмуд АбасФотографија: AP
Дека преговори од само час и половина не можат да донесат некаков пробив, тоа секако можеа да го предвидат и најголемите оптимисти. Такви впрочем на Блискиот исток ионака има малку, а очекувањата од мировниот процес се толку намалени, што како успех се оценува дури и фактот што двете страни во конфликтот воопшто се договорија околу термимнот на следната средба.


Ако преговорите продолжат со вакво темпо, тогаш нема да може да се оствари прокламираната цел од конференцијата во Анаполис, имено, за една година да се дојде до решение што ќе овозможи мирна коегзистенција меѓу две соседни држави, Израел и Палестина. Впрочем во изминативе две недели по завршувањето на големата конференција во Анаполис на Блискиот исток се случуваа такви настани, што човек со право се прашува дали воопшто се одржала толку славената конференција. Израел најави изградба нови куќи во нелегалните населби на Западниот брег, иако токму спротивното го вети, а од територијата на Појасот Газа постојано летаат касам ракети кон израелските погранични градови. Израелската армија на тоа возврати со засилени воени акции во пограничниот појас.


Проблемот е во тоа што Појасот Газа и понатаму се наоѓа под власт на радикалното палестинско движење Хамас, кое е исклучено од преговорите. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас, кој потекнува од ривалското движење Фатах, не е во состојба да ги спречи нападите на Хамас од Појасот Газа. Исто како што не може ни да го спречи натамошното ширење на израелските населби на Западниот брег.


Израелската страна секако жонглира со разни правни објаснувања за оваа провокација: та дел од дозволите за градење биле издадени уште пред конференцијата во Анаполис; па дел од новите куќи треба да бидат градени на проширената територија што му припаѓа на Ерусалим. Но, цел Ерусалим е под израелската јурисдикција дури од 1981-та, кога Израел официјално го анектира источниот дел на градот населен претежно со палестинско насление. Таа анексија е еднакво спротивна на меѓународното право, колку и изградбата нови станбени објекти на палестинските автономни подрачја на Западниот брег на реката Јордан.


Во ваквата ситуација големо прашање е како претседателот на Палестинците Махмуд Абас да му прикаже на својот народ успеси, кои му се неопходни за воопшто да има поддршка од него за продолжување на преговорите со Израелците. На мировната конференција во Анаполис домаќинот Џорџ Буш вети дека ќе им притекне на помош на страните во конфликтот доколку тоа стане неопходно. Се чини дека таквиот случај се појави побрзо отколку што тоа би му било драго на американскиот претседател. За среќа официјален Вашингтон барем не ги затвора очите пред ваквата реалност, па министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс најави дека Буш уште во јануари ќе го посети Блискиот исток. При првата посета на овој регион од доаѓањето на власт, Џорџ Буш јуниор дури има намера по потреба и директно да се вмеша во мировните преговори меѓу Палестинците и Израелците. Ако при тоа уште и се откаже од досегашната еднострана поддршка за Израелците, тогаш можеме на Буш дури и да му честитаме на ваквата одлука.