1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ќе блокираме патишта, аеродроми - сѐ“

Самир Хусеиновиќ / Марта Таневска2 септември 2013

Повик за нови протести, овојпат по повод доаѓањето на мисијата ММФ во Сараево на 4 септември, наидува на различни реакции во БиХ. Има ли во оваа земја незадоволна критична маса која може да се избори за промени?

https://p.dw.com/p/19XWN
Фотографија: DW/S. Huseinovic

„Бидете подготвени и следете го Фејсбук“, им порачува на своите виртуелни пријатели, но и на другите граѓани, сараевскиот глумец и активист Феџа Штукан, еден од иницијаторите на јунските демонстрации за единствен матичен број на граѓаните (ЕМБГ).

„На 4 септември во Босна и Херцеговина доаѓаат претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој во јавноста ќе претстави лажна проценка на позитивните економски промени, кои наводно ги направиле властите на БиХ, за да ни се одобри кредит од кој секое евро ќе заврши во џебот на политичарите. Ќе ги пуштиме да дојдат и потоа ќе блокираме се’ - аеродроми, премини, патишта - се’“, најави Штукан.

Вниманието на светската јавност повторно да се насочи кон БиХ

Штукан за Дојче Веле, вели дека по јунските протести важно е повторно да се сврти вниманието на светската јавност на случувањата во БиХ.

„По дваесет години светот почна повторно да гледа што се случува во БиХ. Сакаме да го свртиме вниманието на светската дипломатија и медиумите на ужасната корупција во која се гуши БиХ и поради која живееме вака како што живееме“, вели Штукан.

Sarajevo - Demonstrationen gegen die zerstrittenen Politiker
За време на протестите во јуни на зградата на Парламентот беше обесен и овој плакатФотографија: DW/S. Huseinovic

Реакциите се различни. Додека едните го поздравуваат повикот за нови протести, други тврдат дека ни со демонстрации за ЕМБГ не се постигнало многу. Политичкиот аналитичар Аднан Терзиќ кажува како излегувањето на избори е најдобар начин на казнување на политичарите за неработењето и повикува активистите на претстојните парламентарни избори да преземат одговорност и да основаат политичка партија.

„Сите оние кои мислат дека со истерување на ММФ или со блокади ќе дојдат до целта - грешат. Можеби можат да ги блокираат патиштата и аеродромите, но не и сметките на кои парламентарците и членовите на Советот на министри на БиХ ги добиваат своите плати без оглед на тоа дали доаѓаат на работа или не“, вели Терзиќ за Дојче Веле.

Во БиХ нема незадоволна критична маса

Психологот Срѓан Пухало предупредува дека во БиХ е тешко да се формира незадоволна критична маса која на протести би се изборила за суштински промени.

Srdjan Puhalo
Психологот Срѓан Пухало, предупредува дека во БиХ е тешко да се формира незадоволна критична масаФотографија: DW/A. Slavnic

„Немаме алтернатива, организација, ниту идеја која би ги собрала заедно граѓаните на БиХ во единствена акција. Се’ уште немаме свест за потреба од заедничко делување. Се’ уште не гледам некој кој би можел да го соедини сето ова незадоволство и да го канализира во еден правец“, вели Пухало.

И покрај критиките, аналитичарите не ја оспоруваат силата на пораката на Штукан со која граѓаните ги повикува на нови протести. Нема мирно да гледам како паѓаме во уште потешка економска криза и како моите деца и внуци ги даваат парите за властите да си купуваат автомобили, вили, скапи костуми, да плаќаат патувања, да ги вработуваат своите роднини и пријатели и да ги плаќаат своите валкани националистички предизборни кампањи“, вели Штукан во повикот за протести.