Ќе биде ли избегнат штрајкот во "минута до 12”?
8 август 2007Товарните возови утре треба да бидат опфатени со штрајкот на машиновозачите кои бараат зголемување на ниските плати за цели 31 насто. Индиректно сепак ќе биде погоден и патничкиот сообраќај, оти запрените товарни возови можат да го попречат движењето на патничките. Запирање на патничкиот сообраќај штрајкувачите најавија за понеделник. Спроти утрешниот штрајк обете страни во спорот навестија подготвеност за прифаќање посредништво од неутрална личност.
“Не е предоцна, се’ уште може да дојде до разговор. И во последните месеци ние постојано нудевме тешките теми со синдикатот на машиновозачите да ги решиме со помош на медијатор” – изјави Маргрет Сукале, претставник на Германската железница. Штрајкот може да се избегне доколку раководството на железницата го прифати клучното барање за склучување посебен тарифен договор за нашите членови, вели Синдикатот на машиновозачите, кој исто така прифаќа вклучување на медијатор.
Во меѓувреме расте притисокот врз обете страни, повеќе врз машиновозачите, за изнаоѓање решение и избегнување на тешките последици по стопанството што би ги донеле штрајковите. “Апелирам до обете страни да се обидат со сите средства да го спречат штрајкот. Тие мора да седнат на маса, да преговараат и да соопштат добар резултат” – побара Роналд Пофала, генерален секретар на Христијанско-демократската унија.