Ќерката бара помош од Обама
2 февруари 2012Ќерката на Тимошенко ја повика владата на претседателот Барак Обама да изврши притисок врз Киев за нејзино ослободување. „Јулија Тимошенко е незаконски затворена, малтретирана и понижувана во минатите шест месеци“, изјави Кар пред комисијата за европски прашања во американскиот Сенат.
Таа додаде дека на нејзината мајка „не и’ било дозволувано да спие и била заплашувана со цел да биде ментално скршена“. Тимошенко неодамна „речиси и ќе починела“, откако ја загубила свеста, а нејзината цимерка во келијата се обидувала да ја освести 20 минути пред да пристигне доктор, тврди нејзината ќерка.
Тимошенко отслужува седумгодишна затворска казна, откако судот ја осуди за злоупотреба на моќта. Таа тврди дека процесот против неа е политички мотивиран и спроведен од нејзиниот ривал Виктор Јанукович, кој сега ја извршува претседателската функција.
Закана за влошување на односите на Украина со Западот
Случајот со Тимошенко ги разбранува односите на Украина со ЕУ, а оценки за ризик за влошување на односите со Западот вчера стасаа и од американскиот сенат.
„Би било тешко, ако не и невозможно Украина да ги продлабочи односите со Западот, додека госпоѓата Тимошенко е зад решетки“, рече американската сенаторка Џени Шаен.
Ќерката на Тимошенко тврди дека претседателот Јанукович се обидува да ја присили нејзината мајка да напише писмо и јавно да побара извинување и да ги признае своите „гревови“ за да ја помилува.
Евгенија Кар ги посети Берлин, Копенхаген, Париз и Стразбур во минатиот месец, обидувајќи се да ги убеди западните влади да ги притиснат украинските власти за ослободување на нејзината мајка.
Автор: Александар Методијев /СН/афп/миа
Редактор: Симе Недевски