1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Љубовни поздрави од Приштина“

17 ноември 2009

Во Минхен, денеска (18.11.09) треба да почне процесот против агент на германската тајна служба, БНД. Вмешан е и неговиот љубовник, а станува збор за издавање државна тајна. Неделникот „Шпигел“ пишува:

https://p.dw.com/p/KYFz
Централата на БНД во Пулах, кај МинхенФотографија: AP

„Обвинети се Антон К., долгогодишен агент на БНД и неговиот преведувач. Се работи за пари и издавање државна тајна, но дел од невообичаената приказна која се одигрува во замраченото косовско милје се и љубовта, сексот и една изневерена сопруга. Накусо, станува збор за голем случај, за драма која можеби може да се види во кино или да се чита во некој бестселер, а која сега ја обработува обвинителстовото.

Како ќе заврши процесот е нејасно, но еден губитник е веќе познат - БНД. Доколку процесот заврши во полза на обвинителството, тогаш тајната служба со години вработувала човек кој излегол од контрола и кој во текот на ангажманот на Косово, во љубовен занес, издавал државни тајни. Но, и доколку агентот биде ослободен, тоа ќе биде во најмала рака исто толку непријатно за БНД, зашто ќе се покаже дека влетала спектакуларно во следење на нејзините соработници.

Се‘ почна на 21 февруари 2005 година, кога Антон К. ја презел должноста на Косово. Официјално, поранешниот професионален војник, бил дипломат на министерството за надворешни работи. Неговата вистинска задача, меѓутоа, била да формира мрежа доушници од доверба, што на Косово е посебно тешка и опасна задача.

Антон К. земал стан во дипломатскиот кварт во Приштина, а неговите жена и деца останале во јужна Германија. Го променил личниот изглед, и пуштил коса до рамена, а низ градот шетал во поло-кошули и апостолки.

Неколку недели подоцна, кога телефонирал со Германија на својот швапски дијалект, му се обратил млад човек кој зборувал исто така на перфектен јужногермански акцент. Мурат А., тогаш на средината од своите 20-ти, не многу забележлив тип со русо-кафеава коса, кој се нарекувал Африм, со македонско-албанско потекло, израснал во Офенбург.

Der Spiegel Logo

БНД била задоволна и го продолжила договорот на Антон К.

Се чинело дека Африм е перфектен преведувач. Антон К. доставил барање до седиштетот на БНД, кој по безбедносните проверки е одобрен. Оттогаш Мурат А. работи официјално како преведувач на германското министерство за надворешни работи.

Двајцата мажи се вљубуваат еден во друг, а Африм се преселува кај Антон. Тоа агентот на БНД требало да го пријави, но не го сторил тоа. Две години никој не ја забележал нивната врска. БНД била задоволна со работата на Антон К. и во 2007 година му ја продолжува мисијата за уште две години.

Но, тогаш, кај БНД телефонски се јавува сопругата на Антон, која пренесува дека за време на божиќниот одмор имала голема кавга со сопругот. На виделина излегло дека Антон своето животно осигурување од сопругата го префрлил на својот преведувач, што таа можела и да го докаже со допис од осигуротелното друштво.

Оттогаш не се знае точно каде се‘ се направени пропусти и кој се‘ грешел, не сметајќи го тоа што агентот и неговиот преведувач морале на работодавачот да му ја откријат природата на нивниот однос. Нивните адвокати сега тврдат дека двајцата се жртви на хомофобичните власти. Или во целиот случај се крие нешто повеќе, можеби навистина и издавање државни тајни? Зошто БНД не се зафатила со интерно решавање на проблемот, туку државниот обвинител покренува истрага, а двајцата љубовници се повикани во Минхен под лажен изговор, каде што се и уапсени, а веќе наредниот ден двајцата се повторно на слобода поради недостиг на материјал кој што би ги товарел?

Двајцата се преселиле во нов заеднички стан во близина на Штутгарт, каде чекаат на почетокот на судењето“, се вели во текстот на „Шпигел“.

Според обвинителството, наведува неделникот „Антон К. на својот љубовник му ставил на располагање тајни извештаи, а му пренесол и интерни информации за персоналот и структурата на БНД, како и документи за сознанијата на партнерската британска разузнавачка служба. Тешки се и обвинувањата на сметка на Мурат А., за кого се тврди дека добил увид во комплетната состојба на информативните извори на оваа разузнавачка служба на Косово. Се тврди и дека преведувачот имал контакти со организираниот криминал и дека работел и со македонската и албанската разузнавачка служба.“

Одбраната на Антон К. и Мурат А. тврди дека обвинувањата се апсурдни. „Суштината на аферата е толку смешна“, вели бранителот на Антон К., Саша Јунг „што за нас е нејасно зошто БНД инсистира на судење иако е свесна за штетата што од тоа ќе настане.“

Автор: Шпигел / ЕМФ

Редактор: Жана Ацеска