1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јушченко веројатен победник на изборите во Украина

27 декември 2004

”Првата вест е – готово е!” – им рече на своите приврзаници собрани во изборниот штаб во Киев, Виктор Јшченко, опозициониот кандидат за претседател на Украина кој на вчерашниот повторен втор круг избори во земјата освои над 50% гласови од избирачите.

https://p.dw.com/p/AcIp
Виктор Јушченко
Виктор ЈушченкоФотографија: AP

Централната изборна комисија треба да ги соопшти првите официјални резултати денеска, а по 90% пребројани гласачки ливчиња, Јушченко има освоено 12% гласови повеќе од неговиот противкандидат, Виктор Јанукович, или 54% наспроти 42%. Андреј Магера од Централната изборна комисија, изутринава за телевизијата УТ – 1, изјави дека дури и кога преостанатите гласови би му припаднале на Јанукович, тој не може да ја достигне предноста што ја има Јушченко од речиси три милиони гласови.

Пред околу 50 илјади приврзаници во Киев, Јушченко најави нова ера. ”Околу 14 години бевме независни, а сега сме слободни”, рече опозициониот лидер, нагласувајќи дека завршува ерата на злоупотреба, цензура, лаги и насилство. Украинската нација покажа цврстина кон еден од најверојатно најциничните режими во Еврооа, рече Јушченко, додавајќи – сега постигнатата слобода треба да се зацврсти. Иднината на Украина, според него, не зависи ниту од Москва, ниту од Полска или САД или Европа, туку исклучиво од самите Украинци.

Јушченко ги замоли своите приврзаници, кои уште од вечерта со огномет, музика и гласно трубење ја прославуваат неговата победа, да останат на плоштадот се додека победата не биде и официјално потврдена. Противкандидатот Јанукович има време од да дена да поднесе жалба пред судот, доколку смета дека има неправилности, а судот потоа има време од два дена да донесе решение по жалбата.

Јанукович, пред новинарите, го призна индиректно својот пораз. Тој рече дека смета оти ќе победи, но дека доколку загуби, во парламентот ќе биде силна опозиција и Јушченко тогаш ќе научи што значи опозиција.

Вториот круг избори во Украина, кој се одржа на 21 ноември беше анулиран по масовните протести на приврзаниците на Јушченко, поради изборна измама, кои траеја со денови. Овојпат, политичкиот камп на Јанукович тврди дека имало големи прекршувања на изборните правила и најави жалба до највисокиот суд во земјата. Меѓуанродните набљудувачи, сепак, известуваат дека изборните биле главно фер, со поединечни неправилности кои не влијаат врз конечниот исход.