1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер сака повторно да составува влада

ЕМФ/афп21 октомври 2013

И покрај значителните загуби на гласови на вчера (20.10) одржаните парламентарни избори во Луксембург, премиерот Жан-Клод Јункер сака повторно да составува влада. Меѓутоа намерите се едно, а можните сценарија друго.

https://p.dw.com/p/1A2zC
Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Христијанско-социјалната народна партија (ЦСВ) на Жан-Клод Јункер и покрај загубата на гласови во споредба со претходните избори, останува најсилна партија во парламентот. Гласови загуби и нејзиниот досегашен коалиционен партнер, социјалистичката Работничка партија (ЛСАП).

По пребројувањето на речиси сите гласови, конзервативната ЦСВ освои 33,7% гласови, односно 4,3% помалку во споредба со резултатот од изборите пред четири години. Партијата на Јункер во парламентот отсега ќе има 23 места (досега имаше 26 пратеници). На второ место со минус од 1,3% е ЛСАП. Таа освои 20,3% од гласовите.

„Ние сме и натаму најважна партија“, нагласи Јункер во неговото кусо обраќање во партискиот штаб. Но дали премиерот кој има најдолг стаж во Европа ќе остане на власт е неизвесно. Кому ќе му биде доделен мандатот за составување влада ќе се знае во наредните денови.

Околу формирањето влада се можни две сценарија. Можна е коалиција на ЦСВ и Либералната партија, но можно е да се состави и тројна коалиција од ЛСАП, либералите и Зелените. Доколку се случи второто, конзервативците би била тргнати од власт по долгогодишни владеење.

За да опстои на власт, Јункер би можел да се обиде да го оживее повторно и сојузот со ЛСАП, наспроти проблемите од претходните месеци. Коалицијата на двата партнера се распадна во текот на летото, поради афера околу тајната служба на Луксембург. ЛСАП го обвини Јункер дека е лично одговорен за аферата. Тајната служба дејствувала на своја рака и, меѓу другото, составила 13.000 досиеја за лица и фирми.