1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужен тек е гаранција за енергетската иднина на Македонија

БГ/миа7 декември 2012

Македонскиот министер за финансии Зоран Ставрески денеска, заедно со високи државници од сите земји кои учествуваат во проектот, присуствува на свеченото одбележување на почетокот на градбата на Јужен тек

https://p.dw.com/p/16xdi
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Јужен тек е значаен момент за Европа. Исто така, ова е важен настан и за Република Македонија. Задоволен сум што успеавме во напорите, што нашите залагања вродија со плод и Македонија е вклучена во овој проект уште од самиот почеток заедно со другите земји“, рече Ставрески.

Тој посочи дека со влегувањето на Македонија во овој проект ќе се обезбеди стабилно снабдување со гас, но, исто така, ќе се обезбеди и енергетската иднина на земјата.

„Она што е за нас значајно е тоа што со овој проект ќе обезбедиме стабилно снабдување со гас. Наместо сегашната цевка која има помал капацитет, ќе се овозможи поголем капацитет, односно поголема понуда на гас. Ова е значајно за иднината, за следните 30 до 40 години сигурно снабдување со гас за сите стопански капацитети, но и за домаќинствата. Република Македонија со ова ја обезбедува својата енергетска иднина, обезбедува стабилно снабдување со енергенс и е вклучена во главниот меѓународен коридор на гас кој ќе ја обезбедува цела Европа“, истакна Ставрески.

Stavreski Pesevki und Cugunov Gazprom
Зоран Ставрески и Владимир Пешевски на потпишувањето на договорот со претставникот на Газпром Леонид ЧугуновФотографија: MIA

Тој додаде дека економските придобивки од Јужен тек за Македонија се многукратни. Со тоа што ќе се обезбеди снабдување со гас во рамките на овој меѓународен коридор во иднина ќе се задоволат сите потреби на земјата за нови стопански капацитети, нови енергетски капацитети, изградба на нови гасни електрани и слично, но и изградба на гасоводна мрежа до сите градови во Република Македонија.

„Ќе бидеме сигурни дека имаме обезбедено доволна количина на гас, а со набавката на поголеми количини ќе можеме да го добиеме и по подобра цена. Ја обезбедуваме енергетската иднина на државата со еден квалитетени евтин енергенс“, оцени Ставрески.

Рускиот гас кон Централна и Јужна Европа ќе протече во 2015 година. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 отсто од вкупните потреби на Европа.