1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јонгбјон пред затворање

14 јули 2007

За надгледувањето на договореното исклучување на реакторот Јонгбјон, денеска во Северна Кореја допатуваа десетмина инспектори на Меѓународната агенција за атомска енергија.

https://p.dw.com/p/BFpI
Кристофер Хил покажа умерен оптимизамФотографија: AP

Тимот доцна поладнево треба да пристигне кај атомските постројки Јонгбјон, околу 100 километри североисточно од главниот град Пјонгјанг. Малиот реактор, кој во последните пет години произведуваше плутониум за атомска бомба, според американски информации, ќе биде исклучен уште во текот на овој викенд. Десеттемина инспектори ќе го набљудуваат процесот, ќе инсталираат камери и ќе ја запечатат зградата. Двајца од нив ќе останат таму постојано. Директорот на Меѓународната агенција Мохамед ел Барадеи:

„Очекувам операцијата да мине без проблеми, како и што се договоривме„.

Искулучувањето на реакторот беше договорено уште во февруари на шест-партитните преговори, меѓутоа беше одложувано поради спорот за севернокорејските пари во странство. Затворањето на Јонгбјон важи за прв важен чекор во атомското разоружување на Северна Кореја. За возврат, сиромашната комунистичка држава ќе добие 50 илјади тони нафта од Јужна Кореја. Првата испорака од 6 илјади тони тешка нафта веќе денеска пристигна во северно-корејското пристаниште Сонгбонг. Еден службеник на јужнокорејското министерство за обединување кој е на бродот, изјави:

„Испораката на тешка нафта за Северна Кореја е клучниот фактор во решавањето на атомското прашање„.

Во случај Северна Кореја да ја оконча атомската програма, ќе добие вкупно милион тони нафта за греење. Специјалниот американски претставник Кристофер Хил има намера да го договори и првиот нареден чекор за разоружување на шест-партитните преговори во Пекинг во идната среда. Имено, до крајот на годината треба да бидат затворени целиот атомски комплекс во Јонгбјон и една мала фабрика за обработка на плутониум. Хил во Токио изјави:

„Загубивме многу време во последните два месеца. Сега, во втората половина на годинава, мораме многу да направиме. За тоа имав многу плодни разговори за време на мојот престој во Пјонгјанг. Мислам дека имаме основа да влеземе во следната фаза„.

Без нуклеарното разоружување, инаку, нема да има мировен договор со Северна Кореја. Меѓутоа, преговорите би можеле да почнат и пред завршувањето на целиот процес. Хил на тој начин позитивно реагираше на вчерашната понуда на Северна Кореја да започнат директни армиски преговори за мир и безбедност на корејскиот полуостров.