1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јолевски: Македонија останува стратешки партнер на САД

Горан Петрески18 февруари 2009

Интервју со македонскиот амбасадор во САД и македонски преговарач во грчко-македонскиот спор околу името, Зоран Јолевски. Во разговорот со Горан Петрески, Јолевски зборува и за визниот режим на САД кон Македонија.

https://p.dw.com/p/GwYd
Зоран ЈолевскиФотографија: Petr Stojanovski

Господине Јолевски со каков впечаток се враќате од средбата со медијаторот Метју Нимиц и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис?

Јолевски: „Ова беше прва средба со грчкиот преговарач Василакис и на неа се оствари се‘ што беше предвидено. Разговаравме за тоа како ќе продолжиме со процесот на преговори. Им ги пренесов ставовите, дека би било добро Македонија да добие покана за членство во НАТО на следниот самит што ќе се одржи на почетокот на април, бидејќи тоа ќе придонесе кон создавање добра атмосфера во решавањето на спорот со името. За ова немаше никаков коментар од нивна страна. Исто така, се договоривме преговорите да продолжат по изборите во Македонија и Грција, кои се во април и во јуни. Тоа значи дека најверојатно за неколку месеци ќе се случи следната средба.“

Веќе го информиравте македонскиот државен врв за средбата. Добивте ли инструкции за натамошните чекори?

Јолевски: „Како што напоменав, сега очекуваме од медијаторот Нимиц да ни‘ даде предлог кога ќе продолжиме со преговорите и да видиме кои се неговите планови.“

Што е за Вас во наредниот период главен предизвик - Вашата функција македонски амбасадор во САД, со оглед на промената на власта во САД, или македонски преговарач во спорот со името?

Јолевски: „Двете функции се голем предизвик за секој дипломат, па и за мене. Во наредниот период ќе се концентрирам на презентирање на ставовите на Република Македонија кај новата администрација и кај новите сенатори и конгресмени. Ќе продолжиме со активностите на зајакнување на економската соработка, привлекување странски инвестиции, како и презентација на културното наследство на Македонија во САД.“

Очекувате ли промена на политиката на САД кон Македонија, по промената на власта во Вашингтон? Има ли такви најави од Вашите контакти со претставниците на Стејт департментот?

Јолевски: „Според моите досегашни контакти во Стејт департментот, но и со претставници на Демократската партија коишто беа вклучени во изборната кампања, нема најави за сериозна промена на американската политика кон Македонија. Македонија останува стратешки партнер на САД. Соработката меѓу двете земји е на големо ниво и е ценета, што впрочем беше потврдено и во февруари за време средбите на претседателот на владата, Никола Груевски во Вашингтон.“

Очекувате ли во време на Вашиот амбасадорски мандат и Вашиот мандат како преговарач на Република Македонија да биде решен спорот со Грција и Македонија да добие покана за членство во НАТО?

Јолевски: „Па добро, не можам да дефинирам „мојот мандат како амбасадор и како преговарач“, зашто едниот мандат може да биде подолг од другиот. Со самото тоа што прифатив да бидам преговарач значи дека верувам во позитивно решение на овој процес. Се разбира, за да се најде решение потребно е и другата страна да има одредена флексибилност. Во целиот тој процес е многу значајно и да се заштити идентитетот, дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани, бидејќи само така Македонија може да влезе во ЕУ и НАТО.“

Под притисок на грчкото лоби, 32 конгресмени потпишаа писмо упатено до претседателот Барак Обама, во кое се бара промена на одлуката на поранешниот претседател Џорџ Буш за признавање на уставното име на Република Македонија. Може ли тоа да биде прифатено?

Јолевски: „Конгресот, се разбира, има одредено влијание во надворешната политика на земјата, но нејзините главни црти ги дефинира администрацијата во соработка со Конгресот, така што не очекувам ова писмо да има некои посериозни импликации во билатералните односи меѓу Македонија и САД. Добрите билатерални односи се резултат на една долгорочна соработка. Не треба да заборавиме дека македонските војници се рамо до рамо со американските во многу акции. И како што ми кажа еден американски дипломат и висок функционер, нема подобар доказ за пријателството од тоа кога војниците на двете земји заедно се борат за исти вредности. Впрочем, тоа го потврдува и Декларацијата за стратешко партнерство и пријателство што минатиот мај ја потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и САД. Односите се стабилни и постои желба тие да се продлабочат. Не случајно, мандатот на УСАИД за Македонија е продолжен за уште четири години, а нивниот буџет е зголемен. Сето тоа укажува дека САД сакаат да ја видат Македонија стабилна, да го зајакнат нејзиниот економски развој, да ја зајакнат демократијата и земјата да стане членка на НАТО и ЕУ.“

Што прави македонската дијаспора како одговор на грчките анти-македонски лобирања?

Јолевски: „Македонската дијаспора во САД станува се‘ поорганизирана. Можам да го изразам моето задоволство од она што тие го прават. Минатата година, во октомври, за првпат во амбасадата на Република Македонија се собраа сите позначајни македонски организации за да разговараат како може да соработуваат и како да се координираат нивните активности за лобирање за Македонија - како за влез на земјата во НАТО, така и во однос на спорот со Грција, но и за тоа како да се помогне во економскиот развој на Македонија. Дел од нив сакаат да помогнат во образованието, во некои хуманитарни активности, така што е создадена една мошне позитивна атмосфера и сигурен сум дека тие во иднина ќе продолжат уште поинтензивно да работат во оваа насока. “

До каде е реализацијата на спогодбата, потпишана во мај, и до каде е реализацијата на најавените можни американски инвеститори од неколкуте бизнис-форуми што ги имаше македонската влада во повеќе градови во САД?

Јолевски: „Самата декларација што беше потпишана во мај, содржеше неколку елементи. Едниот елемент што Вие го споменавте е економската соработка. Ние имавме два бизнис-форуми минатата година, на кои што говореше и американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер и тој од негова страна, исто така, ја препорача Македонија како дестинација за инвестирање на американските компании. За време на таа посета потпишавме Меморандум за разбирање со „Интел“, една од најголемите компании за информатичка технологија, и беа остварени контакти со повеќе истакнати американски компании. Ние, речиси секој месец, имаме по две до три американски компании кои доаѓаат во Македонија за да ги испитаат можностите за инвестирање. Се разбира, светската економска криза има одредено влијание, меѓутоа се надевам дека наскоро ќе имаме дополнителни американски инвестиции. Вториот елемент од спогодбата беше т.н. „people to people“, односно „граѓани за граѓани“. Во текот на оваа година ќе почнат посериозни активности за укинување на визниот режим меѓу Македонија и САД. Се разбира, тоа не е процес што ќе трае неколку месеци, туку ќе трае неколку години, но тоа е исто така еден од елементите на спогодбата. Дел од тој сегмент е и претставување на македонската култура во Америка и на американската култура во Македонија.“

Можете ли да откриете некоја конкретна американска инвестиција што е на повидок во Македонија во наредниот период?

Јолевски: „Видете, не би спомнувал име на компанија, бидејќи тоа сепак се преговори, но во неколку сфери, посебно во информатичката сфера, постојат доста заинтересирани компании. За да се зајакне позицијата на Македонија, владата работи на формирање на ИТ-универзитет, на којшто ќе предаваат американски професори, и европски се рабира, и на којшто предавањата ќе бидат на англиски јазик. Кадрите што ќе бидат подготвени на оваа институција, ќе бидат квалификувани да работат на најсложени проблеми во информатичката технологија. “