1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јовановски одново на кормилото на Работнички

16 ноември 2011

Непредвидливите тренерски води после четири години го вратија Ѓоре Јовановски на клупата на Работнички. Искусниот фудбалски стручњак, го презема клубот во периодот на голема резултатска криза.

https://p.dw.com/p/13BV6
Фотографија: picture-alliance/augenklick/firo Sportphoto

„Во Работнички минав прекрасни четири години од 2003-2007 година. На мое и на задоволство на претседателот на клубот најдовме брзо заеднички јазик. Времето ќе покаже дали е ова добар потег и за Работнички и за мене.“

Се очекуваше дека Работнички ќе биде моќен во првенството на Македонија, откако одигра добро во Лигата на Европа. Дали „романтичарите“ го плаќаат данокот на летната натпреварувачка фрекфенција? „Да се игра квалитетно и во Европа и во домашното првенство, потребно е да се има 25-мина подеднакво подготвени и добри фудбалери. Во овој момент и многу поквалитетни екипи од Работнички ваквото темпо на играње не можат да го издржат. Работнички има млади фудбалери, кои добро се претставија во Европа, но со своите 17-18 години таквото темпо на игра сигурно не можат да го издржат.“

Купот, шанса за излез во Европа

8-мо место со само 15 бодови е учинокот на Работнички по 13-те одиграни кола. Јовановски верува во поголем прогрес на тимот, а шансата за излез во Европа ја гледа и низ Куп-натпреварите. „Во првенството Вардар има огромна бодовна разлика. Но, ако за 13 кола можеше со толку бодови да побегне, во преостанатите 20 кола ќе се обидеме да му се доближиме. Тука е и Купот. Веќе в среда играме во Кичево, каде што одиме со добар резултат. Како и да е треба да се мине Напредок, што значи дека излез во Европа гледаме и преку Купот на Македонија.“

За актуелното фудбалско првенство на Македонија, Јовановски смета дека ќе биде неизвесно. Дека Вардар и Металург засега ја водат трката за титулата, но од сенка шансата ја демнат уште неколку екипи. „Мислам дека првенството ќе биде многу неизвесно. Тоа се гледа од самата табела. За Тетекс и за Охрид се прогнозираше борба за опстанок, а погледнете до каде стигнаа овие две екипи.“

Репрезентацијата остана без имиџ

Fußball EM 2010 Qualifikationsspiele Mazedonien Slowakei Flash-Galerie
Натпревар на македонската фудбалска репрезентација (архива)Фотографија: AP

Точно пред една деценија беше селектор на репрезентацијата на Македонија. Со многу критичност и голема доза на горчина Ѓоре Јовановски се осврнува на моментната состојба во националниот тим.

„Според мое длабоко уверување, репрезентацијата го загуби својот имиџ. Имам чувство дека повеќето од репрезентативците доаѓаат повеќе за да се видат со своите роднини и пријатели, одошто да играат. Загубено е чувството за одговорност, нема дисциплина, загубено е националното чувство. Без одговорност и чувство дека се игра за сопствената држава, сигурно е дека ќе бидат резултатите, такви какви што се. Едноставно, резултатите не соодветствуваат на квалитетот на фудбалот во Македонија.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска