Јеремиќ: Откажувањето од Косово води кон натамошно цепење на земјата
24 декември 2011Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ предупреди дека откажувањето од борбата за Косово би предизвикало натамошно цепење на државата. Јеремиќ, во разговорот за вечерниот „Дневник“ на српската државна телевизија РТС, нагласи дека уставна обврска на раководството на државата е да го зачува својот територијален интегритет, затоа што ако отстапи од таа обврска делењето на државата нема да заврши тука и би се јавиле слични проблеми и во други делови на Србија.
„Европскиот пат“ не е во најдобар стадиум
Српскиот министер за надворешни работи порача дека сигурно нема да има промена на надворешнополитичкиот курс на неговата земја.
„Ние немаме политичко право на тоа, бидејќи за таквата политика добивме поддршка од граѓаните“, изјави Јеремиќ. Српскиот министер нагласи дека определбата за европски пат на Србија претставува обид за обезбедување подобар живот за граѓаните и затоа не треба да се отстапи ниту од тоа.
Тој притоа призна дека „европскиот пат“ на Србија во моментов не се наоѓа во најдобар стадиум, наведувајќи дека причина за тоа е пред се’ економската и политичката криза во ЕУ.
Автор:СН/ЕМФ/бета/миа
Редактор: Е. М. Фиданоска