1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасност која ги уништува надежите

Петар Филип22 април 2008

Шефот на Хамас, Калед Машал по разговорите со поранешниот американски претседател Џими Картер соопшти дека би прифатил создавање палестинска држава во границите од 1967 година, без да го признае Израел

https://p.dw.com/p/Dm88
Џими Картер во мировен обидФотографија: picture-alliance/dpa

Оној кој сака мир, мора да биде подготвен да разговара со своите непријатели. Овој став го застапуваше порано сегашниот израелски претседател Шимон Перес, кога неговите преговарачи воспоставуваа тајни контакти со ПЛО на Јасер Арафат. Кога поранешниот американски претседател Џими Картер побара нешто слично од Израел кон исламистичкиот Хамас, во Ерусалим наиде на гранит. Преговорите не доаѓаат во предвид зашто Хамас и натаму инсистира на уништување на Израел и не е ни самиот подготвен за мировни преговори со него.


Израел не го сфаќа предлогот сериозно


По разговорите со политичкиот водач на Хамас, Калед Машал, Картер објави дека палестинската група е подготвена на мир со Израел и нема да ги саботира преговорите што со Израел ги води неговиот конкурент, Махмуд Абас. Во рок од три недели, ова е веќе втор сигнал од Машал дека неговата организација се свртува кон она што го бара меѓународната заедница: палестинска држава покрај Израел.

Израелското раководство ова не го сфаќа сериозно и не се ни сретна со Картер, зашто тој разговараше со Машал. Со тоа го казнува човекот кој не само што порано издејствува израелско египетски мир, туку денес и приватно се залага за решение на палестинскиот конфликт.


Хамас е неспособен да ја согледа реалноста


Во Дамаск Калед Машал изјави дека Хамас и натаму не е подготвен да го признае постоењето на Израел и да склучи мир со него. Ако Израел ги отстапи окупираните територии од 1967 година западно од Јордан и се согласи со враќањето на палестинските бегалци, тогаш Хамас е подготвен на 10 годишен прекин на огнот. Но, признавање на државата Израел не доаѓа во прашање.

Оваа јасност е добра, иако ги уништува надежите, кои Машал самиот ги разбуди. Истовремено, депримирачки е да се види колку е Хамас неспособен да ја согледа реалноста. Дури и окорениот функционер на Хамас одамна требаше да увиди дека со Израел не може да се справи преку игнорирање и дека ракетните и терористички напади против израелски цели му штетат повеќе на појасот Газа отколку на Израел. Зашто, Ерусалим одговара масивно, а Палестинците, особено оние во појасот на Газа, контролиран од Хамас, се‘ повеќе запаѓаат во изолација и сиромаштија. Ниту странските држави не се решаваат да помогнат се‘ додека Хамас не се одрече од неговата радикална идеологија на уништување.

Поранешниот шеф на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат токму поради ова се реши на патот кон Осло. Историски пресврт во блискоисточната историја. Но, мир и натаму нема, а надежта на американскиот претседател Џорџ Буш да го постиггне до крајот на оваа година, е осудена на пропаст. Израел носи добар дел од одговорноста за ваквиот развој, како и припадниците на Хамас. И за нив важи- мора да се разговара со непријателот за да се постигне мир.Зашто, инаку, како да не се сака мир, а за тоа треба да се сносат последиците.