1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасна поддршка за Махмуд Абас

2 август 2007

Кондолиза Рајс, со разговорите во Рамала, ја заврши својата турнеја на Блискиот исток. Западот ја поддржува новата палестинска влада на партијата Фатах на претседателот Махмуд Абас, Хамас и натаму останува изолиран

https://p.dw.com/p/BPCT
Кондолиза РајсФотографија: AP

За прв пат, откако Хамас ја презеде контролата во појасот на Газа, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс разговараше со новата палестинска влада, во која нема претставници на радикалната организација. Станува збор за влада која е формирана со одлука на претседателот Махмуд Абас, без потврда во парламентот. Преодната влада има за задачада ја води работата до нови избори.

Кондолиза Рајс, во Рамала, го поздрави Салам Фајад, новиот премиер. Овој политичар кој на последните избори како лидер на малата народна партија освои само два процента од гласовите, е познат во Вашингтон. Тој работел во Светската банка и ММФ, до 2002 година, кога станал министер за финансии во палестинската влада. Тој ја ужива довербата на американските власти и меѓународните донатори.

На наредните парламентарни избори тој веројатно ќе настапи со нова партија составена од интелектуалци и економисти. Премиерот Фајад беше присутен и на разговорите меѓу Рајс и Махмуд Абас

"Господине претседателе мислам дека со вашиот избор и со работата на владата на чело со премиерот Фајад оставивте добар впечаток. Постои голема желба за да му се помогне на палестинскиот народ кој се обидува да постави основа за стабилна демократска и стабилна палестинска држава“

Фајад и Рајс потпишаа договор со кој американската влада на автономните власдти им става на располагање 80 милиони долари за обука на силите за безбедност. САД и Израел ги поддржуваат силите за безбедност на западниот брег и се обидуваат да ги засилат за пресметка со Хамас.

На разговорите во Рамала стана збор и за иницијативата на претседателот Џорџ Буш за конференција за блискиот исток која би се одржала во текот на есента. Израел сака на неа да бидат присутни и земји со кои сеуште нема воспоставено дипломатски односи, како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Израелскиот министер за надворешни работи Ципи Ливни ја поздрави вчерашната изјава на саудискиот принц Сауд Ал Фаисал кој не исклучи можност за учество на конференцијата. Израелскиот дипломат и поранешен амбасадор во САД, Дени Ајалон, по тој повод изјави:

“ Ретко кога постоело такво совпаѓање на интересите меѓу Израел, Саудиска Арабија и останатите арапски земји. Посебно кога станува збор за одбраната од Иран чија политика е закана за светскиот мир. Отука цел на американската воена помош е да ги засили овие држави во однос на Иран но и да ги седне на заедничка маса со Израел“