310809 Japan Parlamentswahlen
31 август 2009„Со задоволство ја прифаќам одлуката на граѓаните кои конечно сакаат нова влада која ќе ги подобри условите за живеење.“
Приврзаниците на Демократската партија на Јапонија (ДПЈ) одушевено ги слават нивните нови пратеници. ДПЈ освои 308 од вкупно 480 места во долниот дом на парламентот. Либерално-демократската партија (ЛДП) која досега владееше во Јапонија, во иднина ќе има само 119 пратеници во парламентот. Многу од нејзините врвни претставници се казнети од страна на јапонските избирачи. Досегашниот премиер, Таро Асо, релативно рано го призна поразот: „Мора да преземам одговорност за овој пораз. Исходот од изборите е многу отрезнувачки.“
Таро Асо, уште во текот на ноќта, најави повлекување од фунцијата претседател на Либерално-демократската партија. ЛДП на власт беше непрекинато цели 54 години. Таа допрва ќе мора да се навикнува на улогата на опозиција и под знак прашање е дали на новиот партиски лидер ќе му успее да ги одржи „во живот“ преостанатите сили на ЛДП.
Победниците се воздржани
Новата партија на власт, ДПЈ, веќе се подготвува за преземање на власта. Но, и покрај неприкосновената победа, лидерот на партијата Јукио Хатојама е воздржан: „Првпат во историјата, јапонскиот народ спроведе вистинска промена и храбро избра нова влада. Како претседател на Демократската партија сакам да се заблагодарам. Сега почнуваме со работа. Но, ова не е само победа на Демократската партија, туку на луѓето кои мораа да страдаат живеејќи во тешки услови. Затоа, со скромност ја прифаќаме задачата и ќе ги спроведуваме нашите политички мерки во духот на народот и со почит кон луѓето.“
Затоа, Хатојама, откако ќе биде избран за премиер на вонредна седница што ќе се одржи на средината или на крајот на септември, има намера да се фокусира на финансиите. Со нова структура би требало да биде скршена моќта на бирократите во министерствата и да биде проширен просторот за дејствување на политичарите. Ваквиот нов систем би требало да биде тестиран во текот на наредните преговори за буџетот.
Автор: Петер Кујат / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска