1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија: Победа на конзервативците

ЕМФ/дв16 декември 2012

Околу 104 милиони граѓани на Јапонија денеска (16.12) гласаа за нов состав на парламентот. Според прогнозите, победија конзервативните либералдемократи, кои по крајот на Втората светска војна владеат речиси без прекин.

https://p.dw.com/p/173NZ
Фотографија: Reuters

Според јапонските телевизии НХК и НТВ, Либерално-демокраската партија (ЛДП) на десно конзервативниот екс премиер Шинзо Абе, освоила 310 од 480 места во парламентот, додека Демократската партија (ДПЈ) на актуелниот премиер Јошихико Нода освоила меѓу 55 и 77 места. Тоа значи дека по три години прекин, ЛДП се враќа на власт. Заедно со нејзиниот коалиционен партнер, партијата Комеито, ЛДП би можела дури да има и двотретинско мнозинство во парламентот.

Абе во 2006 и 2007 година беше премиер на Јапонија, но се повлече од функцијата поради стомачни проблеми предизвикани од стрес. Абе, меѓу другото, се залага за промена на пацифистичкиот повоен устав и за поостар курс на Јапонија во споровите со Кина и Јужна Кореја околу островите.

Демократската партија пред три години освои историска победа на парламентарните избори со голема предност и му стави крај на петдецениското речиси непрекинато владеење на либералдемократите (ЛДП). Но владеењето на демократите уште од почеток не беше „под добра ѕвезда“. Владата мораше да се бори со последиците од светската економска криза и се обидуваше да се справи со последиците од атомската катастрофа во Фукушима. Освен тоа, демократите поради внатрешните партиски борби загубија доверба кај избирачите.