1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јан Харлан: Филмот морате да го направите пред сè за себе!

Сузана Тодоровска-Павлоска24 ноември 2012

Легендарниот филмски продуцент Јан Харлан чие богато портфолио се врзува за големото име на светската кинематографија Стенли Кјубрик со голема љубов и почит зборува за нивното 30-годишно партнерство.

https://p.dw.com/p/16pBh
Фотографија: DW/S. Todorovska

Како „десна рака“ на култниот режисер, но и во роднинска врска (сопругата на Кјубрик е сестра на Харлан), Јан Харлан и Стенли Кјубрик заедно создадоа епски остварувања- „Наполеон“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“, „Сјаење“, „Полна воена опрема“, „Вештачка интелигенција“ (соработка со Стивен Спилберг) и последниот филм „Очи широко затворени“. Јан Харлан е гостин на 11-от „Синедејс“ деновиве- како член на жирито и со многу искуство за споделување.

„По првпат сум во Македонија и воопшто не се чувствувам како ѕвезда! Работев со голем човек и имав извонреден учител во Стенли Кјубрик, па оттаму и моето искуство“, ни рече во интервјуто за ДВ, Јан Харлан.

Кјубрик беше најголемиот критичар на самиот себе

Кој беше предизвикот да соработувате со еден од најголемите филмски уметници на сите времиња?

Харлан: Голем предизвик е да се одговори на неговите големи барања! Кјубрик беше најголемиот критичар на самиот себе! Резултат на тоа е што сите негови филмови останаа- не исчезнаа! Тоа е белег на еден голем уметник. Луѓето ме прашуваат „нели е време по 30 години работа со толку голем човек, сам да направиш долгометражен филм“? Мислам дека сум многу добар „број 2“, но не сум добар „број 1“! А тоа е голема разлика. Уживав да работам со него, но јас бев само член на екипата. За некој кој има пред себе високи стандарди како Кјубрик, не сака да направи само некаков просечен филм. Ако има нешто од што се плашеше тоа е просечноста.

Stanley Kubrick
Стенли КјубрикФотографија: AP

Филмовите на Кјубрик се ремек-дела и секогаш високо се котираат на сите релевантни листи на најдобрите филмови во светот?

Харлан: Тоа е како да прашате зошто Ван Гог или Шекспир се големи уметници? Критериумот е ист- уметникот го користи својот талент за да биде самокритичен и да се увери дека го вложил на вистинскиот начин. Ова важи и за големи автори како Бергман или Саура, на пример. Дури и да ризикуваат да ги поделат публиката и критичарите, тие искрено можат да си кажат„го направив најдоброто што можев“.

„Очи широко затворени“ е најтешкиот филм на Кјубрик

Сценариото во филм на Кјубрик никогаш не било исто од почетокот до крајот на филмот. Се стремеше кон перфекција?

Харлан: Така е. Мислам дека перфекционизмот е комплимент. Добар пример е „Очи широко затворени“. Правата на новелата на Артур Шницлер ги откупивме во 1970 година. Цели 30 години тој повторно го „преџвакуваше“ тој материјал. Тоа е најтешкиот филм што го има направено. Знаеше дека е тешко да се донесе една социо-политичка тема на големото платно во време на експлозија на порнографијата, поделбите на леви и десни. Тоа е филм за љубомората, сексуалните фантазии, за погрешниот пат, а создавањето на филмот е внатрешен процес.

Како се случи Том Круз и Никол Кидман да играат во овој инаку- негов последен филм снимен во 1999 година?

Харлан: Том Круз беше единствениот избор на Кјубрик и само него го сакаше во филмот, но никогаш не помисли на Никол Кидман. Но, ја виде во филмот „Да се умре за нешто“ („To Die For“,1995) и сметаше дека е брилијантна кога е во крупен план.

Филмската музика како „вај-фај“!

Какво е значењето на музиката во филмот?

Szene aus dem Science-Fiction Kultfilm 2001 - Odyssee im Weltraum von Stanley Kubrick 2001: A Space Odyssey Kalenderblatt
Филмска сцена од „2001: Одисеја во вселената“Фотографија: dpa

Харлан: Има и големи филмови во кои нема музика. Ако сакате да користите музика најважното е таа да му се допаѓа на режисерот. Мора да има „лична љубов“ за музиката за да може да се поврзе со филмот што го прави. На пример, валцерот „На убавиот син Дунав“ е вселенска музика од „2001: Одисеја во вселената“. Кјубрик го сакаше овој филм. Јас му ја сугерирав музиката, но негов беше изборот. Се обидуваше музиката да биде невидлива врска меѓу публиката и сликата. Како „вај-фај“!

Не ми е грижа дали филмот е во 3Д

Режисерот Вим Вендерс неодамна изјави дека 3Д технологијата нема да опстане доколку се користи само за снимање блокбастери. Што мислите, каде се движи филмот денес?

Харлан: Филмот оди напред! Мислам дека за 10 години никој нема да користи негативи. Сè ќе биде дигитално. Во која насока оди- не знам и не ме интересира технологијата туку содржината на филмот. Кога одам да гледам филм сакам да излезам побогат, да научам нешто од него или барем добро да се забавувам. Успехот зависи пред сè од публиката иако има големи филмови кои не постигнале некој успех кај публиката.

Со кого би сакале да работите?

Харлан: Ќе наполнам 76 години, имам седум внуци и среќен сум со работата во филмските школи. Направив неколку документарни филмови. Тоа би го работел. Но, да го работам она што го работев со Кјубрик- не би сакал повеќе.