1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанукович призна грешки

ЖА/дпа/миа/макфакс/ртре30 јануари 2014

Украинскиот претседател Виктор Јанукович денеска ја обвини опозицијата дека продолжува да ја продлабочува кризата во земјата, но призна и свои грешки. Думата ја усвои амнестија од кривично гонење на демонстрантите.

https://p.dw.com/p/1Azl1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јанукович призна дека дозволил да се направат одредени грешки, но додаде дека „и власта може да згреши“.

„Сите услови кои власта ги прифати во преговорите со опозицијата се исполнети“, истакна шефот на украинската држава.

Јанукович изрази уверување дека ќе направи се‘ што е потребно за мир и нормален живот во земјата.

Инаку, Виктор Јанукович се наоѓа на боледување поради „акутна респираторна инфекција“, како што објави денеска неговата канцеларија.

Истовремено амбасадорот на САД во Киев Џефри Пајет ги поздрави неговите чекори направени за решавањето на кризата во земјата.

Јанукович заминува на боледување, откако ноќеска парламентот на Украина со гласовите на мнозинството од владејачката Партија на регионите го донесе законот за амнестија од кривично гонење на демонстрантите од почетокот на протестите во ноември минатата година. Меѓутоа, законот ќе стапи на сила дури откако радикалните демонстранти и приврзаниците ќе ги ослободат владините згради во центарот на Киев, коишто ги заземаа во текот на протестите.

Високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, којашто во средата вечерта престојуваше во украинската престолнина Киев, од брифингот со селектиран број медиуми порача да се прекинат насилствата и заплашувањата во Украина, од која страна и да доаѓаат.