1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанукович и Кличко се подготвени за преговори

ЖА/дпа/ртре9 декември 2013

Прозападната опозиција на чело со Витали Кличко и прорускиот претседател Виктор Јанукович во Украина искажаа готовност за преговори, за да се избегне ескалацијата на ситуацијата со протестите.

https://p.dw.com/p/1AViW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Украинскиот претседател Виктор Јанукович и‘ предложи денеска на опозицијата да седнат на преговарачка маса по неколкунеделните антивладини протести во земјата. Тој го поддржа предлогот на поранешниот шеф на државата Леонид Кравчук, нагласувајќи дека „тоа може да биде основа за разбирање“.

Лидерот на опозициската партија УДАР и боксерски шампион Виталиј Кличко изјави дека тој и другите опозициски лидери се подготвени на разговори за компромис со шефот на државата. Јанукович утре ќе оствари средба со тројцата поранешни украински претседатели Леонид Кравчук, Леонид Кучма и Виктор Јушченко, со цел да се најде компромис со опозицијата.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон ќе отпатува утре во дводневна посета на Украина, потврдено е од Европската комисија.

„Се очекува Ештон да се сретне со лидерите на двете страни, како и со претставници на цивилното општество“, истакна на прес-конференција портпарол на ЕК.

Ukraine Proteste 08.12.2013
Протестите продолжуваатФотографија: picture-alliance/dpa

Претходно претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо нагласи дека посетата на Ештон би требало да помогне во изнаоѓање пат за решавање на политичката криза во Украина и унапредување на дијалогот меѓу власта и опозицијата.

И покрај претпазливите обиди за приближување, ситуацијата во Киев е тензична. Полицијата почна да ги отстранува барикадите кои граѓаните ги поставија пред повеќе владини објекти. Опозицијата јавува дека притоа не дошло до судири. Опозициониот лидер Кличко изјави: „Опозицијата мора да остане овде и да спречи полицијата да ги растури мирните демонстрации“. Тој им препорача индиректно на постарите и понемоќни демонстранти заради нивна сигурност да се вратат дома.

Вчера повеќе стотици илјади луѓе демонстрираа во Киев против прорускиот курс на нивниот претседател, барајќи оставка на раководството и предвремени избори.