1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкулоска и Кралев - одговорните за инцидентите ќе бидат казнети

АМ/миа24 ноември 2012

Македонските министри за внатрешни работи и образование ветија дека одговорните лица за инцидентите кои доведоа до меѓуетнички провокации ќе бидат казнети според закон.

https://p.dw.com/p/16pGe
Фотографија: MIA

Секоја демонстрација и акт на насилство заслужува најостра осуда, а потоа и соодветна санкција согласно законот, рече денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со инцидентите во Сарај и Чаир кога беа искинати црковно и државно знаме на Република Македонија. Според неа, сторителите се’ уште не се пронајдени, ниту настаните се расчистени во целост.

„МВР ќе продолжи со активностите до целосно расчистување на секој поединечен случај. Во овој момент немам целосни податоци за сторителите, поради што не би можела да шпекулирам“, напомена Јанкулоска.

Таа апелира граѓаните да не потпаѓаат на какви било провокации иако, како што рече, некој можеби со право се чувствува испоровоциран, и да се воздржат од секакви акти на насилство зашто еден инцидент води кон друг, а тоа нема да ги смири тензиите, туку може да ги наруши довербата и атмосферата на соживот.

МВР од албанските колеги очекува и најостра реакција за синоќешните инциденти во Тирана што се случија додека премиерот Никола Груевски беше на средби со својот колега Сали Бериша и на македонско-албанскиот бизнис форум.

„По однос на инцидентите во Тирана очекувам остра реакција на тамошните власти, брзо расчистување на случаите и најостро санкционирање на сторителите, подвлече министерката за внатрешни работи.

Да не се повторуваат работи кои не му помагаат на образованието

Pance Kralev
Панче Кралев, министер за образованиеФотографија: MIA

Новинарите денеска го прашаа и министерот Панче Кралев што ќе преземе Министерството за образование за случаите со натписи со навредлива содржина во дебарско училиште и цртање на албанското знаме од страна на ученици. Кралев рече дека Министерството за образование ќе ги спроведе законските надлежности за во иднина да не се повторат случки и настани кои не помагаат во развојот на образованието.

„МОН од аспект на своите надлежности, односно Просветниот инспекторат, врши контрола на терен во институциите, но исто така и преку укажување до директорите дека вакви настани или случки не помагаат во развојот на образованието. Од аспект на Министерството ќе бидат спроведени сите законски наделжности со цел тоа да не се случува во иднина“, изјави Кралев.

Според него, доколку се утврди одговорност ќе има казни за директорите, што е задача на Просветниот инспекторат.

„Доколку се утврди одговорност - да, тоа е задача на просветниот инспекторат, тие се излезени на терен и ќе информираат соодветно, но пред се’ освен казната мора да разговараме и за една поширока одговорност која ќе помагне од аспект на поттикнување заеднички обрзовен систем и поттикнување на интегрираното образование кое е приоритет во активностите на МОН“, изјави министерот за образование.