1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкуловска: Нема договор со Рамковски

3 декември 2010

Продолжува истрагата за сомнежите за финансиски криминал во шест фирми на „Перо Наков“. УЈП и Јавното обвинителство се‘ уште не излегуваат со конкретни резултати за постапката која била во предистражна фаза.

https://p.dw.com/p/QP6b
Гордана Јанкуловска вели дека законот е еднаков за ситеФотографија: DW

Јавното ретерирање на сопственикот на А1 Велија Рамковски, кој се повлече и сега тврди дека не земал кеш од премиерот Никола Груевски за емитување партиски реклами на неговата телевизија, нема каква било врска со истражните дејства. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска отфрли каква било можност за договор со Рамковски. Институциите немало да се откажат од истрагата, а законот бил еднаков за сите, предупреди Јанкуловска.

За случајот денеска требаше да расправа собраниската Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, но по барање на членовите на владејачкото мнозинство и нивното укажување дека дебатата се поклопувала со закажаната пленарна седница на Собранието, расправата се одложи за утре. Пратениците од опозицијата обвинија дека ваквото барање е бегање од одговорноста и кршење на демократијата.

NO FLASH Fernsehsender TV A1 Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Од Управата за јавни приходи за Дојче Веле изјавија дека изјавите на Рамковски воопшто не влијаеле врз истрагата. УЈП, според Весна Новаковиќ, води истрага која не се одвивала од денеска за утре.

Инаку, Рамковски јавно ги омекна ставовите против власта во интервју за телевизијата Алсат М. Со изјавата дека не земал кеш од премиерот тој не само што јавно се дистанцираше од случувањата во фирмите кои се под истрага, туку и ги укори новинарите од неговата телевизија дека претерале во реакцијата на настаните од минатиот четврток . Рамковски негира дека е поврзан со шесте фирми кои се на иста адреса со А1, а за кои УЈП се сомнева дека незаконски кон странство биле исплатени 7 ипол милиони евра.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска