1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанка убедлив во велеслаломот

24 февруари 2010

САД и Германија водат битка за првото место според вкупно освоените медали на Олимпијадата. Германските натпреварувачи вчера се закитија со две бронзи, хокеарскиот турнир влезе во завршната фаза

https://p.dw.com/p/M9mR
Карло Јанка стигна до првото злато на ИгритеФотографија: AP

Швајцарецот Карло Јанка стигна до златниот медал во трката во велеслалом, откако убедливо ги совлада ривалите. За Швајцарија ова беше прв медал во велеслалом уште од далечната 1984 година и Олимпијадата во Сараево. На вторoто место се пласира норвежанецот Кјетил Јансруд, кој беше 11-ти по првата трка, а третото место и бронзата му припаднаа на неговиот сонародник Аксел Лунд Свиндал за кого ова беше трет медал на Игрите. Македонскиот скијач Антонио Ристевски го освои 53-тото место, во конкуренција на 81 натпреварувач кои остварија пласман, со повеќе од 14 секунди заостанување зад најдобриот.

Германските натпреварувачи во Ванкувер освоија две нови бронзени медали. Во натпреварувањата во нордиска комбинација во екипна конкуренција, германските претставници се пласираа на третото место зад Австрија и САД. Трето место освоија и германските натпреварувачки во штафетата во биатлон. Златото го освои штафетата на Русија, а среброто Франција.

Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, светскиот шампион Свен Крамер од Холандија поради неправилна промена на патеките беше дисквалификуван иако убедливо победи. Поради грешката на тренерот на Крамер, златото отиде во рацете на Сеунг Хон Ли од Кореа, за кого ова е втор медал, по среброто на 5.000 метри. На втората позиција се пласира Русинот Иван Скобрев, а трет е Боб Де Јонг од Холандија.

Хокеарскиот турнир во завршна фаза

На турнирот во хокеј се играа плеј оф натпреварите за влез во четвртфиналето. Швајцарија ја совлада Белорусија по изведувањето пенали, Чешка беше подобра од Летонија по продолжението, Канада убедливо ја совлада Германија со 8:2, и Словачка беше поуспешна од Норвешка со 4:3. Вечерва се играат четвртфиналните дуели. Во дербито, домаќинот Канада ќе се соочи со Русија, САД играат со Швајцарија, Финска против Чешка и Шведска против Словачка.

На табелата во генералниот пласман, водат САД со освоени 26 медали, од кои 7 златни, 9 сребрени и 10 бронзени. На второ место е Германија со 23 медали, од нив исто така 7 златни и 9 сребрени, но и 7 бронзени. На третото место е Норвешка со 17 освоени одличја.

Автор: БГ/СН/афп/дпа

Редактор: Жана Ацеска