1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јаневски за ДВ: Селекторското место е мотивирачко

Златко Калински23 август 2012

Чедомир Јаневски и официјално стана селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. Тој е единаесеттиот предводник на националниот тим во периодот од осамостојувањето на Македонија.

https://p.dw.com/p/15vIG
Фотографија: Petr Stojanovski

Не беше тешко да се претпостави дека ќе го наследи Велшанецот Џон Тошак на селеторското место. За Чедомир Јаневски е ова враќање дома, во средината во која се здоби со извонредната играчка репутација. Сега, пред себе ја има обврската да се докаже и како тренер. Емотивно го доживува овој момент:

„Се исполнува мојата желба еден ден да ја водам репрезентацијата на Македонија. Ова е голема чест за мене. Но, исто така и голема обврска, бидејќи луѓето во Македонија очекуваат подобрување на македонскиот фудбал.“

Малку време за запознавање

Јаневски ја презема репрезентацијата во голем временски теснец, само 2 недели пред почетокот на квалификациите за СП 2014. Првиот натпревар е против Хрватска во Загреб. Вели дека нема многу време за запознавање со тимот, но што е тука е:

„Сигурно ќе беше подобро ако се имаше повеќе простор. Но, ситуацијата е таква каква што е. Имаме две недели до одигрувањето наа првиот натпревар. Ќе играме против репрезентација, која во повеќето медиуми, не само кај нас, е фаворит.“

Иако постојаната животна база му е Белгија, Јаневски постојано е во тек со збиднувањата во македонскиот фудбал. Па оттаму - како тој гледа на актуелниот список на репрезентативци  и дали тој ќе биде проширен со нови имиња?

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballfans
Навивачите чекаат подобри резултатиФотографија: Petr Stojanovski

„Познавајќи го македонскиот фудбал јас знам дека има и други играчи, кои можат да и‘ помогнат на репрезентацијата. Мислам дека после првиот викенд ќе имам појасна слика и она што го размислувам за некои фудбалери да ги повикам. Тоа ќе бидат двајца-тројца фудбалери кои досега не биле повикувани.“

Во квалификациите со најслаб ранкинг

Македонија во квалификациите за СП влегува од 102-та, најслабата позиција на ФИФА ранкинг листата, во групата во која се Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс. За Јаневски, стварноста не е розова, но е поттикнувачка:

„Сто и второто место на ранкинг листата не ми дава право како селектор на Македонија, резултатски да му се заканувам никому! Но, мене и на играчите ни  дава голема обврска во наредните 10 квалификациони натпревари да освојуваме бодови многу повеќе одошто во претходните циклуси. Мораме да го подобриме сегашниот ранг и да создадеме мотивација кај сите нас за поголеми остварувања“, вели селекторот Јаневски.

Првите реакции во фудбалски кругови на Македонија за изборот на Чедомир Јаневски за нов селектор се позитивни. Тој ужива реноме на вреден работник и стратег. Неофицијално, негови најблиски стручни соработници ќе бидат Неџат Шабани и Мане Манев.