1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јакимовски повеќе не е член на СДСМ

АТ/ СДСМ/ миа/ макфакс17 февруари 2013

„Стевчо Јакимовски повеќе не е член на партијата“, се вели во соопштението на СДСМ, откако градоначалникот на Карпош поднесе кандидатура за локалните избори во Македонија. Противкандидатката ја поздрави неговата одлука.

https://p.dw.com/p/17fkv
Фотографија: MAKFAX

Постапката на Стевчо Јакимовски да поднесе кандидатура за градоначалник на општина Карпош, од СДСМ сметаат дека е спротивна на одлуките на партиите од „Сојузот за иднината“ и ја оценуваат како кукавички и предавнички чин.

„И покрај се’, во СДСМ и во здружената опозиција постои уште поголемо единство за бојкот на престојните локални избори, одлука која е исклучиво во интерес на Македонија и нејзините граѓани“, стои во соопштението од СДСМ.

СДСМ им оддава признание на коалициските партнери кои, како што наведуваат, покажаа високи морални вредности, цврста решеност и одлучност, заедно да опстојат на политичката борба за повисоки цели во интерес на државата.

Mazedonien Karpos Stadtteil Skopje Stevco Jakimovski
Јакимовски : На локалните избори како кандидат на Српска напредна странкаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Сакаме да ја информираме јавноста дека во изминативе денови, власта на секаков можен начин се обидуваше преку злоупотреба на државните институции, закани, уцени, па дури и со непристојни понуди, да убеди некој кандидат или партија од здружената опозиција да одигра епизодна улога за Никола Груевски. Нема никакви дилеми дека тоа единствено им успеа со Стевчо Јакимовски, новиот глумец на ’фамилијата’, кој со задоволство ја прифати улогата на тројански коњ“. „За жал, од вчера во Карпош, ВМРО ДПМНЕ има двајца свои кандидати за градоначалник“, се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во кое се известува јавноста дека од денеска (17.02) Стевчо Јакимовски повеќе не е член на оваа партијата.

Кандидатката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничката должност во скопската општина Карпош, Јагнула Куновска, денеска пак изрази задоволство што нејзин противник сепак ќе биде актуелниот градоначалник на општината Стевчо Јакимовски:

„Би сакала да изразам задоволство што ќе имам противкандидат од редовите на СДСМ, би сакала да изразам задоволство што Стевчо Јакимовски се одважи и прифати да се кандидира за градоначалник на општина Карпош. Тоа е показател дека погубната политика на Бранко Црвенковски не е прифатена ниту од членовите на СДСМ, ниту од другите опозициски партии", рече кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Јагнула Куновска денеска на средбата со граѓаните од општината.

Mazedonien Karpos Stadtteil Skopje Jagnula Kunovska
Јагнула КуновскаФотографија: MAKFAX

Јакимовски вчера пред истекот на рокот за поднесување на кандидатите ја поднесе својата кандидатура, иако неговата партија СДСМ реши да ги бојкотира локалните озбори на 24-ти март.

Куновска додаде дека тоа ќе претставува можност Стевчо Јакимовски да биде поразен изборите, бидејќи тој зад себе имал „катастрофален мандат, во кој парите на граѓаните ги трошеше не транспарентно на невладини организации, за караоке забави и еднодневни обуки", како и дека наместо за капитални инвестиции тој средствата ги трошел за козметичко дотерување на Општината.