1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јаз меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд

13 април 2010

ЈИЕ треба да привлече повеќе и поквалитетни директни инвестиции за да се извлече од економска криза и да изгради основа за долгорочен стабилен развој, се препорачува во новата анализа на ОЕЦД. Што да направи Македонија?

https://p.dw.com/p/Mv0m
Фотографија: Petr Stojanovski

Глобалната економска криза фрли јасно светло врз слабостите и структурните проблеми на развојниот модел кој го следеа земјите на Југоисточна Европа, оценува во разговорот за Дојче веле, Алистер Нолан од ОЕЦД. Економиите на овие земји, вели тој, пораснаа нагло во последните години, повеќето од нив и со повеќе од 5 отсто годишно:

„Но, кризата покажа дека поголем дел од тој развој бил поттикнат од надворешните финансиски трансфери и од зголемувањето на кредитите. Во истовреме, анализата покажува дека остануваат уште многу стратешки реформи и предизвици кои стојат пред регионот, иако има големи разлики и меѓу самите земји.“

Македонија има уште многу да прави

Македонија во наредниот период ќе мора да обрне посебно внимание на повеќе економски сектори. Пред се’, според Нолан, треба да се подобри законот за индустриска сопственост и неговата примена. Во однос на трговскиот сектор потребно е зајакнување на капацитетот на безбедноста на храната во производството, потребни се дополнителни тела за контрола на санитарните услови и треба да се подобри соработката меѓу телата кои се задолжени за таа контрола.

Collage aus den Logos der OECD und der Arbeitsagenturen
Фотографија: dpa/DW

„Невработеноста е голем проблем во Македонија, мислам дека таа бројка е сега околу 32 проценти. Исто така постојат големи проблеми во образованието и обуката на работната сила. Постои голем јаз меѓу она што се бара и она што се нуди на пазарот на работна сила во Македонија“, вели Нолан.

Има напредок во законодавната сфера

Во Македонија во последниот период се забележува напредок во однос на законодавството, а во анализата на ОЕЦД земјата е издвоена како единствена во регионот која донесла закони со кои се регулира формалното лобирање, односно можноста приватниот сектор директно да комуницира со законодавците кога се носи нова бизнис регулатива.

Привлекување извозно ориентирани инвестиции

Нолан предупредува дека во изминатите години на економски развој на земјите од регионот, се‘ до финансиската криза, поголемиот дел од инвестициите во нив не биле т.н. гринфилд инвестиции, туку во области како градежништвото и финансискиот сектор, а многу малку отидоа во сектори кои се извозно ориентирани.

Mazedonien Land und Leute Industrie Feni Nickelhersteller
Клучно е да се намалува дефицитот на обучена работна силаФотографија: Petr Stojanovski

„Сега кризата ги изложи слабостите на тој модел, за кој регионот мора да плати на глобалниот пазар, а истовремено нема моќна индустриска база за да го стори тоа. Затоа се потребни нови инвестиции, но овојпат не само во процесот на приватизација како што беше претходно случај. Со таквите инвестиции е завршено, и сега земјите треба да привлечат гринфилд инвестиции кои се особено извозно ориентирани. Тоа ќе биде голем предизвик за регионот“, вели Нолан.

Клучните работи кои треба да се подобрат, според експертот се намалувањето на дефицитот на обучена работна сила, намалување одливот на работна сила, и подобрување на квалитетот на образованието, кое во моментов не произведува доволно и квалитетни кадри за индустриските сектори.

Автор: Елијана Џани / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска