1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150409 Panamakanal Wirtschaft

16 април 2009

Панамскиот канал е единствената поморска врска на Американскиот континент меѓу Атлантикот и Пацификот. 80 километри долгиот воден пат со тоа е една од најважните патеки на светската трговија и важен економски фактор.

https://p.dw.com/p/HY2x
Панамскиот канал, важна артерија на светскиот транспортФотографија: Patricio Luna

Во 1914 година помина првиот брод преку новиот канал низ џунглата на Панама. Денеска врие од бродови на двата краја на Каналот. Поморските компании плаќаат до сто илјади долари за нивните танкери, бродовите за транспорт на автомобили или товарните бродови да поминат преку Каналот. Со глобализацијата расте и побарувачката за транспорт на стоки. Бројот на бродовите расте, товарните бродови стануваат се‘ поголеми. За многу од нив Панамскиот канал е претесен. Затоа Панама, земја со три милиони жители, во 2007 година реши да вложи околу пет милијарди долари за доградба на „осмото светско чудо“.

Доктор Фернандо Мартин е економски научник на Латиноамериканскиот „Универзитет за социјални науки“ ФЛАСКО во Квито, главниот град на Еквадор: „Изградбата на Каналот, како и воведувањето нови трговски маршути е нужност, најмногу заради намалување на трошоците. Со помали транспортни трошоци, стоките можат да бидат понудени поевтино на новите пазари. Тоа и‘ користи на светската трговија, колку помали транспортни трошоци, толку извозот е поевтин.“

Од подобрените трговски маршути профитираат пред се‘ индустриските земји, вели доктор Мартин: „75 проценти од светскиот извоз се готови производи. Светски првак во извоз се ЕУ, САД, земјите-тигри од Азија, Јапонија. Европската трговија е тргување меѓу развиени земји, индустриски стоки за индустриски производи.“

Добитници и губитници

Поделбата на трудот и специјализацијата се клучни термини во борбата за глобалните пазари. Од поволните транспортни патишта профитираат најчесто државите кои успешно ги примениле овие принципи, вели експертот за меѓународна трговија Мартин: „Овде постојат добитници и губитници. Тоа е суштина на глобализацијата. Добитници се државите кои се специјализирани за производи со повисока вредност. Губитници се оние кои се специјализирани за поедноставни производи. “

BdT Panama Kanal Beginn der Erweiterung
Проширување на Панамскиот каналФотографија: AP

Проширувањето на Панамскиот канал треба да заврши во 2015 година. Тогаш низ него ќе можат да поминуваат двојно повеќе бродови. Но, само мал број латиноамерикански земји се свесни за знакот на времето, мисли Фернандо Мартин: „Трговијата со Латинска Америка е пред се‘ транспорт на стоки во правец север- југ. Северот продава готови производи на земјите од Југот, а оттаму во обратна насока одат суровини и трудо интензивни производи. Тоа е поделбата на трудот што ја гледам во Латинска Америка во целина. Единствен исклучок се Мексико и Бразил.“

Оваа теорија ја потврдува редоследот на нациите кои го користат Каналот. На прво место се САД, следува Кина, потоа Јапонија, четврт е латиноамериканскиот извозен рекордер Чиле, пред Јужна Кореја. Од меѓународната трговија не профитираат исто сите, вели економскиот научник Мартин:

„На секоја земја и‘ се јасни предностите на трговијата. Таа е инструмент, кој го води светот во состојба на натамошен развој. Опачината е што не профитираат сите исто од тоа. Богатите земји се во поповолна ситуација. Тие играат главна улога во филмот ’Меѓународна трговија’. Сиромашните држави се само статисти“, вели Мартин.


Автор: Патрицио Луна/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска