1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шумскиот пожар на Халкидики под контрола

22 август 2006

Пожарот на Касандра, првиот крак од грчкиот полуостров Халкидики, однесе две човечки жртви, седум лица претрпеа изгореници од прв и втор степен, а 40-ина поради проблеми со дишните патишта се однесени в болница. Никој од нив не е во животна опасност. Пожарот, кој изби вчера попладнето, беснееше во текот на ноќта и дури денеска во голема мера е ставен под контрола, предизвика хаотични сцени и нанесе голема мате

https://p.dw.com/p/Ac3r
Пожарот на Халкидики
Пожарот на ХалкидикиФотографија: AP

�ијална штета.

Стотици туристи и локални жители во текот на ноќта побегнаа од хотелите, камповите и куќите пред заканата од пожарот што неконтролирано се ширеше. На Касандра се одвиваа драматични сцени. „Изби хаос. Луѓето во паника трчаа во насока кон морето, бегајќи од огнот и чадот. Деца пискаа, снема струја. Ништо не можевме да видиме, не можевме да дишеме. Такво нешто не би му посакала ни на најголемиот непријател. Тоа беше кошмар“ – ги пренесуваат агенциите зборовите на некоја жена од Ханиоти.

Еден 41-годишен германски турист, откако ги качил сопругата и синот на гумен чамец, во обидот и самиот да им се придружи, паднал в море и се удавил. Втората жртва, според болничко соопштение, настрада од срцев удар. Крајбрежната стража и рибари со бротчиња пренесоа околу илјада и двесте луѓе, меѓу нив 250 деца, насобрани на плажите. Некои ја минаа ноќта на плажите, други со автомобили спас побараа во Солун. Во хаотичното бекство се случија и повеќе сообраќајни несреќи во кои има и повредени лица.

Кога осамна се видоа размерите на катастрофата: „Не им верувам на очиве. Големи делови од Касандра се јагленосани“ – опиша пилотот на еден од десетте специјални авиони ангажирани денеска во гасењето на пожарот. Во акцијата учествуваат и три хеликоптери, и 250 пожарникари со 77 возила. Помагаат и десетици доброволци, како и две единици на грчката армија. Синоќа во акција беа само два авиона и еден хеликоптер – и тоа задоцнето, како што критикуваат многумина од жителите. Министерот за Македонија и Тракија Јоргос Каланѕис денеска искажа извинување од страна на властите „поради она што не го направиле, поради конфузијата и брзината да се изгасне пожарот“, прецизирајќи дека мисли на доцнењето со ангажирањето на специјалните авиони и преземањето на други мерки. Шефот на противпожарната служба Андреас Коис призна дека од вкупно 22 такви авиона, со колку располага Грција, 10 во моментов се на сервис.

Пожарот изби вчера попладне во една борова шума и брзо се ширеше носен од ветрот. Според властите, го предизвикале удари на гром – месните жители инсинуираат подметнување и ги обвинуваат шпекулантите со земјиште. Прво беа загрозени местата Полихроно и Ханиоти, подоцна беше наредена евакуација и од Криопиги и Пефкохори. Во текот на ноќта грчкото министерство за внатрешни работи прогласена вонредна состојба во загрозениот регион, а војската доби наредба да им помогне на преоптоварените пожарникари.

Во пожарот изгоре крајбрежно подрачје во должина од околу 30 километри, 3 ипол до 4 илјади хектари шума, стотици куќи во Калитеа, Полихроно и Ханиоти, десетици хотели, еден супермаркет како и многубројни автомобили.

Пожарот денеска во најголем дел беше ставен под контрола, освен на два фронта - меѓу селата Неа Скиони и Агија Параскеви, како и меѓу Полихроно и Ханиоти. Во секој случај, ситуацијата е многу подобрена и властите и странските амбасади советуваа луѓето да се вратат во хотелите и домовите. Германскиот генерален конзулат во Солун уште вчера формира кризен штаб и испрати кризен тим во опожарениот регион за да им помогне на германските туристи.

Во Грција пред избивањето на пожарот три дена владееше голема горештина со температура од 42 степена.